Нетранспарентното користење на податоците на корисниците му донесе на WhatsApp казна од 225 милиони евра во Европа. Поради тоа што седиштето на Facebook е во Даблин казната ја изрече Ирската комисија за заштита на податоците.
WhatsApp е казнет поради нарушување на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR).
Компанијата не успеала да ги извести корисниците зошто и како ќе бидат користени нивните податоци. Истрагата започна на 10 декември 2018-та година. По долгата истрага, заклучокот на комисијата е дека WhatsApp не ги исполнил законските условите за собирање, користење и обработка на податоците, вклучувајќи го тука и споделувањето на податоците на корисниците со Facebook.
„Не се согласуваме со денешната одлука во врска со транспарентноста и податоците кои ги споделивме со корисниците во 2018, казната е непропорционално висока“, вели портпаролот на WhatsApp, во најавата за жалба.
Поради тоа што компанијата е казнета по Општата регулатива за заштита на податоци, Facebook може да ја обжали одлуката или пред ирските судови или пред Европскиот суд на правдата во Стразбур, вели Wall Street Journal.
Ова е втора највисока казна досега за нарушување на GDPR. На почетокот на август, поради начинот на кој ги обработува податоците на корисниците со 746 милиони евра беше казнет Amazon.