петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Руски суд казни медиум поради објавување написи за антивоени протести

Руски суд казни медиум поради објавување написи за антивоени протести

Судот во рускиот град Екатеринбург го казни весникот Вечерние Ведомости со 245.000 рубљи (околу 2.500 долари) за „дискредитација“ на руската војска.

Медиумот денеска објави дека е казнет поради 15 написи за антивоени протести објавени помеѓу 24 и 26 февруари 2022 година, првите денови од руската инвазија врз Украина.

Весникот и претходно беше казнет за истите написи, за кои вели дека се „само факти“ и се објавени пред да стапи во сила законот со кој се криминализира дискредитацијата на руската војска, пренесува Радио Слободна Европа.

Законот беше усвоен откако Москва испрати војници во Украина и редовно се користи против критичарите на Кремљ.

– Во тие публикации немаше мислења, немаше поплаки од самото уредништво – имаше само факти. Да речеме, за тоа како луѓето излегоа на плоштадот, скандираа нешто, покажаа постери со пацифистичка содржина, рече адвокатот Георги Краснов, кој го застапува весникот на суд.

На почетокот на јули 2022 година, основачот на весникот Вечерние Ведомости, Техноторг ДОО, беше казнет со 150.000 рубљи по напис за „дискредитација“ поради фотографија на налепници „GruZ200“ и „PiZdets“, кои уметникот Леонид Черни ги залепи во Екатеринбург.

Фотографиите беа вклучени во објава на каналот на весникот на Телеграм за апсењето на уличниот уметник Черни.

На крајот на јуни, Техноторг беше казнет со 200.000 рубљи за објави за протести во февруари 2022 година.

На крајот на јули, главниот уредник на весникот беше казнет со 100.000 рубљи за истиот напис за „дискредитација“ на руската армија.