На 30 август во 1963 година меѓу владите на СССР и на САД била воспоставена директна телефонска врска, наречена „црвен телефон“.
Црвениот телефон меѓу Вашингтон и Москва денес одбележува 59 години од неговото воведување.
Де факто, врската е воспоставена во 1963 година само за писмени комуникации. Децении подоцна е додадена и гласовната компонента, со еволуцијата на системот од телеграфски кабел по морското дно до денешната размена на информации преку сателит и оптички кабли.
Црвената линија е отворена по кубанската ракетна криза во 1962 година, за да се избегне избувнувањето војна. Точно на денешен датум пред половина век таа почна со работа. Првата порака пратена преку неа е познатиот текст „The quick brown fox jumped over the lazy dog’s back 1234567890“ (Брзата кафеава лисица го прескокна грбот на мрзеливото куче 1234567890).
До 1990 година претседателите ја искористиле црвената линија над 15 пати.
Во 1990-тите години на минатиот век Џорџ Буш ги замени писмените пораки со телефонски разговори. Со текот на времето, телефонските разговори стануваат префериран начин за комуникација меѓу претседателите на Русија и САД.
Сателитската врска за црвената линија од американска страна се наоѓа во американската воена база Форт Детрик. Таму за таа цел се користат две сателитски чинии, за кои се грижи персонал од 16 цивили. Тие работат во смени 24 часа дневно. Од базата се управуваат и тајните комуникациски линии на Стејт департментот и Пентагон.