Група перуански археолози открија добро сочувана машка мумија стара повеќе од 3.000 години во областа Римац за време на ископувањата на антички локалитет.
Ова откритие е дел од програмата за обновување и валоризација „Huaca La Florida“, предводена од перуанската општина Римац, со поддршка на Националниот универзитет во Сан Маркос.
Мумијата е пронајдена во одлична состојба во камена гробница, завиткана во гробно снопче направено од домороден памук. До мумијата биле откриени неколку предмети, вклучувајќи ѓердани, пченка и семиња.
Министерството за култура им даде дозвола на археолозите да продолжат со ископувањата, овозможувајќи подлабоко разбирање на историјата на овој археолошки локалитет, кој е признат како светско културно наследство.
„Huaca La Florida“ е предхиспански храм во форма на буквата У, кој датира од пред околу 4.000 години, што го прави еден од најстарите споменици во метрополитенската област Лима и најстариот во долината Римак.
Откриената мумија е поврзана со последната фаза од изградбата на храмот и се проценува дека е стара помеѓу 3.000 и 3.500 години.