Градот Пресиче, на југот од областа Пуља во Италија, е уште еден во низата што ќе им плаќа на заинтересираните за зголемување на тамошното население, ветувајќи им до 30.000 евра, Иако, како и секогаш, има услови… Оние кои ќе ја прифатат понудата мора да ги искористат парите за да купат празен, т.е. напуштен имот, што чини околу 25.000 евра и да го реновираат.
– Има многу празни куќи во историското место, изградени пред 1991 година, кои би сакале повторно да ги видиме со нови жители. Ќе им понудиме до 30.000 евра на луѓето кои сакаат да се преселат овде и да купат еден од овие напуштени живеалишта. Вкупните средства ќе бидат поделени на два дела: едниот дел оди за купување на старата куќа, а другиот оди на негово реновирање, доколку е потребно, изјави претставникот на локалната власт, Алфредо Палезе за Си-ен-ен.
Пресиче е последниот во низата рурални заедници на Апенинскиот Полуостров што се обидуваат да привлечат нови жители со парични стимулации. Правилата варираат од град до град, но обично потенцијалните апликанти мора да се обврзат да платат за реновирање на домот во одредена временска рамка, и да го користат како основно живеалиште. (МИА)