Перу го отвори Мачу Пикчу само за еден јапонски турист, кој чекаше скоро седум месеци за да влезе во архитектонскиот древен комплекс на Инките. Туристот е „заглавен“ во јужноамериканската земја поради пандемијата на коронавирус.
– На Џеси Такајама му беше дозволено да ја види историската знаменитост благодарение на специјалното барање коешто го упати. Од средината на март, тој е блокиран во малиот град Агуас Калиентес, кој се наоѓа во долината кај Мачу Пикчу, рече министерот за култура, Алехандро Неира. – Тој пристигна во Перу со цел да си го оствари сонот – да влезе. Јапонскиот државјанин влезе со нашиот управител на паркот за да може да го стори тоа пред да се врати во својата земја, додаде министерот.
Во Перу, досега, 33.305 лица починаа од коронавирусот. Тоа е највисока смртност по глава на жител во светот. Меѓународните летови во меѓувреме се повторно отворени, но пандемијата го уништи туризмот во земјата.
Такајама, кој добил билет за Мачу Пикчу во март, во саботата ја посети културно-историската знаменитост. Тој е првиот турист што по седум месеци влезе во Мачу Пикчу.
– Толку е неверојатно! Ви благодарам!, изјави тој во свое видео од врвот на Мачу Пикчу.
Неира најави дека во ноември ќе биде отворен комплексот и за домашни и за странски туристи. Ќе бидат дозволени само 30 отсто од вообичаениот капацитет. Мачу Пикчу во нормални услови го посетуваа 675 луѓе на ден.