На социјалните мрежи Instagram и TikTok периодов можеби сте налетале на видеа на кои луѓето мачкаат путер на дрвени даски и потоа додаваат разни сосови, зачини и овошје.
Овој тренд стана вирален, со над 245 милиони прегледи само на TikTok, но многумина забораваат дека прекумерната консумација на путер може да има негативни здравствени ефекти.
„Забавно и убаво е да се направи ова, но запомнете дека путерот е богат со заситени масти, кои се поврзани со зголемен ризик од кардиоваскуларни болести“, изјави за The Post Керолајн Сузи, портпаролка на Академијата за исхрана и диететика.
Препораката на Американското здружение за срце е дека само 5 до 6% од калориите што ги внесувате доаѓаат од заситени масти, бидејќи нивното прекумерно внесување може да го зголеми нивото на ЛДЛ, или штетниот холестерол.
„Ако вашата дневна потреба е 2.000 калории, тогаш не повеќе од 120 калории треба да доаѓаат од заситените масти. Тоа е околу 13 грама заситени масти дневно, а само една лажица путер содржи околу 7 грама“, додава таа.
Овој тренд прв го започна блогерката за храна Џастин Доирон. Таа намачка путер на даска, а потоа ја украси со сосови, зачини, овошје и цветови кои се јадат. Потоа го јадеше со леб или крекери.