недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

Ова се знаците дека вашето куче старее

Ова се знаците дека вашето куче старее

Формулата за пресметување на возраста на кучињата е комплицирана поради разликите во развојот и животниот век, како и големината на кучињата. Би можеле да кажеме дека во просек сите кучиња околу седумгодишна возраст влегуваат во периодот на старост. Повеќето ќе доживеат промени во однесувањето како резултат на деменција, влошување на видот и слухот, целокупното слабеење на телото.

Еве неколку карактеристични физички состојби кои можат да бидат знак дека треба да започнете повеќе да се грижите за вашиот миленик.

Забавување на движењето, губење на мускулната маса, артритис

Ако забележите суптилни промени во начинот на кој вашето куче стои, лежи или оди по скали во споредба со порано, ова може да биде знак дека вашето куче доживува промени кои се вообичаени во постарите години. Губењето на силата во мускулите, особено на задните нозе е вообичаено во староста. Артритисот е чест придружник во староста, особено кај поголемите и потешки кучиња. Погодени се зглобовите на нозете, вратот и ‘рбетот. Потребна е стручна помош од ветеринар и употреба на соодветни лекови, суплементи и храна за ублажување на болката и олеснување на движењето на миленикот.

Седи влакна на лицето и главата

Иако некои кучиња може да почнат да ја менуваат бојата на крзното дури и на порана возраст, оваа појава е карактеристична за кучињата на возраст од шест или седум години. Најчесто се појавува на лицето, околу носот, очите, образите, но и на влакната од ушите. Колку повеќе минува времето, толку позабележителни се овие промени на шепите, градите и опашката.

Проблеми со слухот

Овие проблеми се манифестираат со потешко будење, неодговарање на довикувања од далечина и уплашени реакции кога ќе му пријдете на кучето одзади доколку претходно не ве видело. За жал, не постои медицински начин да се направи нешто во врска со тоа. Важно е да се исклучат некои причини како што се инфекции или туѓо тело во увото. Доколку се работи за процес поврзан со стареење, основната обврска на сопственикот е да го заштити својот миленик од опасности како сообраќај или деца. Дури и старите кучиња лесно учат и се прилагодуваат. Добро е ако можете да ги научите „знаковен јазик“. Научете ги да ги следат вашите команди со рака кога ги повикувате, дајте наредба да седат, чекаат итн. Тоа во голема мера ќе го олесни заедничкиот живот и покрај губењето на слухот.

Проблеми со видот

Во староста, повеќето кучиња развиваат синкаво-сива маса што ја покрива зеницата. Со текот на времето, таа станува се позабележителна и непроѕирна. Треба да се консултирате со ветеринар за да утврдите дали станува збор за промена во окото, а не за катаракта. Катарактата е бела и непроѕирна и драстично влијае на видот. Како и кај слухот, на кучињата со проблеми со видот треба да им се обезбеди безбедна средина без опасности што можат да предизвикаат повреда, бидејќи кучето не може да ги види.

Сопствениците треба да се прилагодат на овие промени и да обезбедат безбедни и здрави услови. Прилагодете ги физичките активности на вистинските можности на вашиот миленик, оставете му повеќе време за одмор, поштедете го од стрес, приспособете ја неговата исхрана на новите физиолошки потреби. Бидете повеќе со вашиот миленик, бидејќи и на кучињата им треба друштво во староста.