Насмевката на хрватскиот полицаец кој беше дел од претходницата на автобусот со хрватските репрезентативци ги преплави социјалните мрежи.
Корисниците на социјалните мрежи се одушевени дека полицаецот целиот пат од најмалку 4 часа не ја тргнал насмевката од лицето, а еден маж од Дубровник му понудил бесплатно седум дневно летување во градот.
-Овој крал вози четири часа од аеродром и не престана да се смее, да се поздравува и да се ракува со народот. споделете ја сликата, да дознаеме како се вика легендата, јас го честам одмор во Дубровник, напиша на социјалните мрежи Михо Будман и собра над 2.000 лајкови.
Хрватските медиуми го најдоа насмеаниот полицаец на мотор, тој е 28 годишниот Денис Рамљак од втората постава на сообраќајната полиција. Се заблагодари за понудата за одмор, но објаснува зошто не може да ја прифати истата.
-Мислам дека не би било во ред со оглед на тоа дека сите колеги одлично ја одработија задачата. Но, она што би сакал е дрес потпишан од репрезентативците и селекторот. Беше прекрасно, голема чест е тоа и се случува можеби само еднаш во животот. Се уште сум под импресии од пречекот на репрезентативците. Беше и напорно, при крај почнаа да ми трнат рацете, но сета болка исчезнува. Моторот има 300 килограми и најтешко е да се вози со брзина од 2 километри на час, вели полицаецот Денис.
Тој додава дека немал многу можност да комуницира со фудбалерите бидејќи бил во претходницата, но ја почувствувал неверојатната атмосфера.