Жена која преживеала рана од огнено оружје од блиску до градите преживеала поради силиконски импланти на дојките, сметаат лекарите.
Во една студија на случајот објавена минатата недела во медицинското списание „SAGE“, лекарите опишале како силиконски имплант на дојка го спречил патот на куршумот да стаса до виталните органи на 30-годишна жена, пренесува Си-ен-ен.
Инцидентот, кој се случи во 2018 година во Торонто, Канада, е еден од само неколку случаи забележани во медицинската литература, каде имплантот одиграл улога во спасувањето на животот на пациентката, изјави хирургот Џанкарло МекЕвенју за Си-ен-ен.
Лекарите забележале дека силиконскиот имплант веројатно е одговорен за пренасочување на насоката на куршумот – што на крајот ѝ го спасил животот на жената.
Постојат два вида импланти на дојка одобрени за продажба во САД. Двата вида имаат силиконска надворешна школка, но едната е наполнета со физиолошки раствор, а другата со силиконски гел. Тие може да се разликуваат по големината, дебелината на школката, текстурата и формата на површината на обвивката, а обично се имплантираат за да ја зголемат големината на градите или да го обноват ткивото на дојката, во случај на мастектомија (отстранување на дојка) или друго оштетување на градите.
Иако точните детали за пукањето се нејасни, хирургот МекЕвенју рекол дека пациентката дошла на одделението за итна помош откако била погодена во градите.
-Таа раскажуваше, тимот за трауми беше во неверување колку добро се чувствува, рекол МекЕвенју.
-Влезната рана од куршумот беше на левата дојка, но фрактурата на ребрата беше од десната страна. Куршумот прво влегол во кожата на левата страна, а потоа се насочил над коската на градниот кош во десната дојка и ѝ го скршил реброто на десната страна, објаснил хирургот.
Имплантот предизвикал промена на движењето на куршумот. На левата страна се срцето и белите дробови – кога куршумот би влегол во градниот кош, таа би имала многу посериозна, можеби опасна по живот повреда, додал МекЕвенју.
Со помош на рендгенска снимка лекарите успеале да го забележат куршумот на десниот страничен торокален ѕид, скршеното ребро и меурчињата воздух во левата дојка, па дошле до заклучок дека куршумот патувал од левата дојка до десниот торокален ѕид.
Лекарите го отстраниле имплантот па на жената ѝ препишале антибиотици, се наведува во извештајот.