ДОКУМЕНТАРЕЦОТ на ХБО со наслов „Baby God“ или „Бог за бебиња“ ја раскажува приказната за д-р Квинси Фортиер, познат како чудотворец за неплодност.
Сите парови кои имале проблеми со зачнувањето отишле кај него.
Фортиер починал од природна смрт во 2006. година, на 94-годишна возраст, а неодамна се појавија ужасни детали за него, кога домашните тестови за откривање на ДНК станаа вообичаена форма на забава. Се испостави, имено, дека „чудотворецот“ ја искористил својата сперма за да оплоди жени.
Конечното откритие за неговата монструозна постапка се случи 20. години откако првпат се соочил со обвинението на еден пациент. Таа изјавила дека тој ја оплодил со својата сперма без нејзина согласност наместо спермата на донаторот што таа го избрала. Така Квинси стана татко на нејзините две деца без нејзина согласност. Таа пациентка го обвини во 1996. година, а судскиот спор беше решен со спогодба.
Сите негови деца денес имаат меѓу 30. и 71. година, а масовното откривање на деца се случи 20. години по случајот со обвинението од првиот пациент.
Документарецот, покрај сведочењето на децата на Фортиет, ја раскажува и приказната за легитимниот син на Квинси, кој го тужел Квинси за сексуално злоставување врз него, неговите браќа и сестри и други деца. Д-р Квинси победил на тоа судење.
Една од сведоците е Кејти Холм, која влегла во канцеларијата на овој лекар кога имала 22. години, надевајќи се дека доктор Квинси ќе им помогне на неа и нејзиниот сопруг конечно да имаат дете.
– Во тоа време, сите мои пријатели имаа деца, само ние немавме. Никој не можеше да ни помогне, сè додека не го пронајдовме д-р Фортиер – вели Кети, која денес има 77 години.
Потоа со себе донела чаша сперма на нејзиниот сопруг, а во 1966. година конечно ја родила ќерката Венди.
„Честопати ја гледав Венди и сметав дека таа не личи на никој во семејството на сопругот“, вели Кејти. А, Венди ја дознала вистината, случајно, во 2018 година, кога направила домашен ДНК тест за забава.
– Излегува дека татко ми не ми е татко. Татко ми е лекар за неплодност од Лас Вегас – вели Венди, која била многу потресена од откритието. Толку многу што таа рекла дека долго време сакала да оди на пластична операција со цел да ги отстрани сите сличности со Фортиер од лицето.
– Сакам да го оперирам носот, затоа што кога и да го погледнам, го гледам и тој монструм и чувствувам дека живее во мене. Не можам да го мразам затоа што ми даде живот, но се плашам затоа што ги носам неговите гени. Мислеше дека е попаметен од неговите пациенти и може да прави што сака со нив. Тој имаше комплекс на супериорност. Мајка ми сакаше деца со татко ми, а не со некој што ќе и рече „само легни додека јас те правам дете, не мора ништо да знаеш“ – вели Венди.
Венди има уште најмалку 23. браќа и сестри, а секоја година се откриваат нови. Еден од синовите на д-р Квинси верува дека ги има стотици.
Истрагата покажала дека Фортиер оплодувал жени на овој начин со децении, дури и оние кои не дошле поради проблеми со зачнувањето, туку поради гинеколошки проблеми. Ова е случај на Дорис Отис, која дошла во посета на д-р Квинси во 1948. година, поради лесна инфекција. Доктор Квинси ја оплодил додека земал брис и така Дорис непланирано зачнала и го родила Мајк, кој денес има 71 година и дури во 2017 година дознал кој е неговиот татко.
„Безгрешно зачнување“
Веројатно најлудата од сите овие приказни е приказната на Џонатан Стенсленд. Џонатан е уште еден од синовите на Фортиер, кој денес има 55. години. Кога бил бебе, тој бил посвоен од лутерански пастор и медицинска сестра од Минесота. Џонатан ја запознал својата биолошка мајка на 17-годишна возраст, и таа тогаш му рекла дека „безгрешно го зачнала“.
– Дури и на 17-годишна возраст, иако немав информации, почувствував темна сенка зад прашањето кој е татко ми. Подоцна, мајка ми преку писма ми објасни дека била девица пред да остане бремена со мене и ми раскажа приказна што ми беше луда во тоа време. Ми рече дека отишла на гинеколошки преглед кај Фортиер и дека тој ги измешал стапчињата, па останала бремена. Подоцна тој и објаснил зошто е бремена, а таа е девица, дека „забременила безгрешно“.