четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Безброј нијанси сино кои мора да се доживеат: Кипар никогаш не бил подостапен за македонските граѓани, еве каква магија крие островот

Безброј нијанси сино кои мора да се доживеат: Кипар никогаш не бил подостапен за македонските граѓани, еве каква магија крие островот

Кипар несомнено е една од најпосакуваните дестинации, како за туристите од останатите држава, така и за Македонците. Островот кој примамува воздишки додека бараме аранжмани за летен одмор, никогаш не бил подостапен за македонските граѓани.

Почнувајќи од 20-ти јуни годинава, воведен е чартер лет од скопскиот аеродром до Кипар. Од убавото Скопје до прекрасната Ларнака се патува само два часа, со дневен чартер лет.

Таму летото трае цели осум месеци, од април до ноември. Во јули на ден има по 12 сончеви часови, а во декември дури 6 часа дневно грее сонце.

Живописниот остров во Средоземното море го красат едни од најубавите плажи во светот.  Од вкупно 123 плажи, дури 77 (и две марини) имаат сино знаменце. Знамето во оваа боја е симбол на високи стандарди за заштита на животната средина, како и за квалитетни услови на самата плажа која е “украсена“ со него.

Реалната боја на морето не може да ја долови ниту камерата на најновите модели на телефони. Тие нијанси сина, од небесна до темен тиркиз, мора да се доживеат со голо око. Песокот од бел до златен се прелева под сончевите зраци. Водата плитка, идеална за уживање на туристите од сите генерации. Љубителите на пливањето во длабоките води, ќе уживаат низ водата која ништо не ја заматува кога ќе се оддалечат од копното на поголема дистанца.

Природната убавина на Кипар е тоа што ги привлекува посетителите, но тие таму ќе имаат можност да ги чујат и тајните за античката култура, фактите од историјата, како и состојбите во политиката и религијата.

Несомнено, секое делче од Кипар носи позитивно искуство, но секое од нив е уникатно. За целосно уживање, изберете ги плажите на Протарас, Аја Напа и Ларнака, заминете во Никозија која носи “лекција“ на поделена земја, уживајте во убавините на Лимасол,  а во Пафос слушнете ја приказната за островот на Афродита и нејзиното значење…

До волшебниот Кипар патувавме со ЈК Травел – Битола. И навистина се уверивме дека овој остров мора да се доживее. Со оглед на фактот што е речиси невозможно да се раскажат емоциите кои ова место ги отвора будејќи ги сите човекови сетила, издвојуваме само парче информации за сите делови на Кипар кои ги посетивме. Тоа што најмногу ќе ве привлече, нека биде вашиот патоказ пред посетата.

Ларнака – модерно пристаниште, средовековна тврдина и православна црква

Ларнака е првиот дел од Кипар кој ќе го видите по слетувањето од Скопје. Овој преубав град е сместен на југоисточниот брег и е трет по големина во Кипар. Омилено за туристите е шеталиштето кое се вика Финикудес. Тоа започнува со пристаниште кое го носи името на градот, а изградено е во 1973-та година. Шеталиштето завршува со тврдина чие постоење датира од 14-ти век.

Македонците кои ја посетуваат Ларнака, никако не пропуштаат да го посетат и светото место кое се наоѓа тука. Станува збор за црквата која е изградена на гробот на Свети Лазар, величенствена градба надворешно и извонредни свети богатства внатрешно.

Протарас и Аја Напа – безброј нијанси во синото море

Туристите, поради прекрасните плажи, за летување најчесто ги бираат овие две локации на Кипар. Регионот Аја Напа и Протарас на источниот брег на Кипар е познат по своите плажи. Вкупно, овој регион има над 25 плажи, со вкупна должина од околу 25 километри. Плажите во овој дел на Кипар се познати по белиот песок и тиркизното море, а некои од нив се опкружени со живописни карпи и борови шуми.

Аја Напа е идеално место за одмор за туристите кои сакаат забава, прошетки, ноќно излегување. Протарас се чини помирен, па во неговата убавина најчесто уживаат луѓето кои одморот го минуваат со семејствата, дали со мали деца или со постари луѓе.

Никозија (Левкозија) – градот разделен на два дела

Главниот град на Кипар кај туристите буди најголем интерес во случај кога освен за пливање и сончање, го посетуваат островот желни да дознаат сè за него. Овој град не излегува на море и се наоѓа во центарот на Кипар. Разделен е на два дела. Преку Никозија, со пасош, се влегува во делот кој ние го викаме “турски дел на Кипар“, а Кипраните го нарекуваат “окупиран дел“.

Лимасол – посебен печат на Стариот град

На јужниот брег на Кипар во заливот Акротири се наоѓа прекрасниот Лимасол. Тука е најголемото пристаниште на Кипар. Градот кој е втор по големина е изграден помеѓу двата антички града Аматус и Курион. Посебен печат на Лимасол му дава Стариот град. Над Старото пристаниште се наоѓа средновековната тврдина Лимасол, во чии рамки се наоѓа Кипарскиот средновековен музеј, каде што се изложени оружје и керамика од сите периоди од историјата на Лимасол. Тоа по што е познат овој музеј е дека токму таму, во 12-ти век, Ричард „Лавовското срце“ се оженил со Беренгарија од Навара.

Пафос – градот на божицата Афродита

Убавина и љубов. Овие два збора совршено го опишуваат Пафос, кој според митологијата, бил родниот град на грчката божица на убавината и љубовта – Афродита.Секој водич на Кипар со задоволство ќе ви ја раскаже приказната за тоа што се случило со пената од морето, како се родила и како живеела Афродита. Таа приказна говори за љубов, секс, неверство, моќ…

Се верува дека кипарската Афродита била божица на плодноста, па ова место го посетуваат жените од сите страни на светот, верувајќи дека ќе си го исполнат најголемиот сон – да станат мајки.

Се раскажува и приказната дека кога Афродита зачекорила на островот, тој бил полн со змии. Затоа таа донела многу мачки, да ги уништат змиите. Денес, на Кипар има повеќе мачки отколку луѓе, раскажуваат туристичките водичи.

Уживајте во прекрасната фотогалерија која ја пренесуваме во продолжение и запомнете дека Кипар никогаш не бил подостапен за македонските граѓани!