Дисменореја е називот за болна менструација која се јавува кај 50-60% од жените, а симптомите вклучуваат грчевити болки во стомакот и грбот, кои можат да бидат со различен интензитет. Болките обично траат ден-два, но понекогаш се неподносливи.
Многу експерти велат дека симптомите на болната менструација се одраз на нашите прехранбени навики, но и на нерешени емоционални потешкотии.
Покрај болките во стомакот и грбот, симптомите кои обично ја придружуваат болната менструација се гадење, повраќање, дијареја, запек, главоболка, вртоглавица, чувствителност на звуци и мириси, замор и сл.
Ако сте една од оние жени кои секој месец имаат проблем со болна менструација, ова се неколку совети кои ќе ви ги ублажат симптомите…
- На долниот дел од стомакот или грбот ставете топол термофор или пешкир натопен во топла вода.
- Топлиот туш исто така ќе ви помогне.
- Погрижете се да не ве стега ништо во пределот околу стомакот. Немојте да носите тесен каиш, тесни фармерки и сл.
- Умереното вежбање е добро доколку можете да го поднесете бидејќи ќе ви го поттикне доброто расположение и привремено ќе ви ја елиминира болката. Се препорачува јога, аеробик и пливање, односно физичка активност која активира што повеќе мускули.
- Кофеинот и пијалаците кои содржат кофеин можат само да ги влошат болките, па затоа избегнувајте ги.
- Можете да земате аналгетици како привремено решение за болката, но нека не ви преминува во навика. Подобро свртете се кон природните начини за да се ослободите од болките.
- Избегнувајте мрсна и лута храна.
- Пијте топли чаеви за ублажување на болките како јасмин, камилица, ајдучка трева… Чајот од ајдучка трева е многу популарен меѓу жените, бидејќи помага со сите тегоби поврзани со менструацијата и ПМС-от, ги ублажува грчевите, нервозата и ги смирува воспалените јајници.
- Мешункастите плодови и зеленчукот, како и житариците, особено овесното брашно, ги ублажуваат болките и воспаленијата.
- Ѓумбирот е одличен избор при болни менструации, а можете да го користите како чај или да изрендате свеж во чајот.
- Намалете на солта.
- Внесете доволно калциум во своето тело: брокули, зелка, кељ, спанаќ…
- Колку можете одмарајте.
- Избегнувајте слатка храна и јаглехидрати.
- Направете блага масажа со врвовите на прстите околу долниот дел на стомакот.
- Обидете се да се опуштите со вежби за медитација и јога.
- Избирајте храна богата со прехранбени влакна, антиоксиданси и омега-3 масни киселини.
- Што се однесува до течностите, секогаш подобар избор е водата, зелениот чај и природните сокови.
- Направете си сокче од морковче или супа од моркови. Овој зеленчук може да ги ублажи менструалните тегоби.
- Доколку сте во можност да го набавите, во исхраната вклучете кинески компир. Коренот од ова растение служи како храна, а го користеле уште Маите и Ацтеките.
- Новите истражувања покажуваат дека витаминот Д3 може значително да ги намали менструалните грчеви, со оглед на тоа дека го спречува создавањето на простагландини, олеснувајќи ја болката.