четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Денеска е строг пост, еве какви се обичаите

Денеска е строг пост, еве какви се обичаите

Денеска е Велики Петок, настанот кој е поврзан со овој празник е Христовото распнување. Поради тоа што Христовата личност е божествена, тој единствен меѓу луѓето немаше никаков грев, или поинаку кажано се одликуваше со извонредна етичка чистота.

Во тоа и се состои космичката трагедија што светот во Христос, во една таква личност, не го препозна својот сопствен излез од сите животни проблеми, вклучувајќи ја тука и смртта, туку тој ненасилно понуден излез го прикова на срамно дрво (така го нарекуваа крстот, затоа што распнувањето на крст беше најсрамната и најтешка казна во Римската империја). Но, денешниот празник е двозначен, затоа што три дена по својата смрт, со своето воскресение т.е. станување од мртвите, Христос ја донесе и најголемата радост во светот.

Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“.

Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје. На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.