Грицкањето на ноктите е една од најчестите „нервозни“ навики на луѓето. Кај многумина гризењето започнало уште во детството, но проценето е дека околу половината тинејџери стануваат „зависни“ од гризењето на ноктите. Оваа непријатна навика обично исчезнува околу 30-тата година од животот, но се смета дека е присутна и кај околу 10% од возрасните. Медицинскиот термин за ова однесување е онихофагија.
Во најголем број од случаите грицкањето на ноктите е предизвикано од стрес, срам, фрустрираност, здодевност и сл. Луѓето посегнуваат по своите нокти додека гледаат телевизија, присуствуваат на здодевна лекција, учат, зборуваат на телефон, чекаат итн.
Гризењето на ноктите е многу лоша и нездрава навика. Таа влијае многу негативно на здравјето затоа што преку ноктите многу бактерии се пренесуваат во устата, се зголемува ризикот за појава на инфекции (и во устата и на прстите) и се уништуваат предните заби. Освен тоа, оваа навика го уништува изгледот на ноктите, а и остава негативен впечаток. Воопшто не изгледа привлечно кога ќе здогледате некој што си ги грицка ноктите.
Но, секој што се соочил со овој проблем знае дека не е едноставно да се елиминира. Сепак, постојат одредени методи и совети кои ќе им помогнат на страсните „гризачи“ да се одвикнат од грицкањето на ноктите. Еве ги:
Направете ги вашите нокти горчливи. Првиот и најраспространетиот совет за откажување од грицкањето нокти е советот за користење на лакови, креми и стикови чија намена е да ги направат ноктите невкусни и одбивни за грицкање. Во сите парфимерии има производи „анти-гризење“. Препаратите се премачкуваат на ноктите и кога ќе се обидете да ги грицнете, ќе зажалите што сте го направиле тоа, бидејќи вкусот е ужасен. Другата позитивна страна на овие производи е што често содржат витамини за зацврстување на ноктите или пак состојки кои го помагаат зараснувањето на кожичката околу ноктите.
Тренирајте го мозокот со гумено ластиче. Носете гумено ластиче на зглобот на раката. Тоа може да биде мало кујнско незабележливо ластиче или дебел модерен ластик во боја. Секогаш кога ќе ги гризнете ноктите, затегнете го ластичето и пуштете го да ве удри. Оваа постапка ќе ви предизвика болка, а докажано е дека појавата на негативна физичка реакција како последица на нешто го тренира мозокот да се одвикнува и да не го прави тоа. Така, мозокот учи дека гризењето на ноктите ќе биде проследено со болка од ластикот и со тек на време се откажува од таа навика.
Станете свесни за проблемот со шумна белегзија. Луѓето ги грицкаат ноктите несвесно додека гледаат филм, додека учат, додека се на досадна лекција, додека нервозно чекаат и сл. Тие поретко свесно ги ставаат прстите в уста. Кога ќе сфатите дека ги грицкате ноктите, најверојатно ќе ја тргнете раката. Ефективен метод да го постигнете тоа е да носите белегзија со неколку приврзоци или топчиња кои ќе создаваат бучава кога мрдате со раката. На таков начин, кога ќе ја подигате раката кон устата, вие ќе слушнете дека го правите тоа, па полесно ќе можете да се контролирате и да го спречите гризењето.
Направете си посложен домашен маникир. Ако во секој момент ноктите ви се убаво средени, нема да ви биде лесно да ги ставите в уста за да ги уништите. Лакирајте се со лак во силна боја (црвена, морнарско сина, црна) за да ви биде непријатно кога ќе направите грешка и ќе грицнете, бидејќи од авион ќе се познава дека ноктите не ви се средени. Не си правете едноставен маникир, туку декорирајте ги ноктите со цветчиња или други дезени. Така ќе вложите поголем труд, па ќе ви биде тешко да го уништите со грицкање. Ако едноставно се лакирате со проѕирен лак или лак во млечна боја, ќе си помислите „Дури и да го уништам, за 2 минути ќе се прелакирам“ или „Ќе го извадам лакот и нема да се познава“, што воопшто не е добро.
Направете си надградба на ноктите. Вештачките нокти се одличен метод за одвикнување од грицкањето на ноктите. Прво, со нивна помош ќе ги заштитите вашите нокти, второ, ќе се одвикнете од грицкањето затоа што нема да ви е пријатно да ставате пластика в уста, а трето и најважно, најверојатно нема ни да се осмелите да ги ставите ноктите в уста затоа што нема да сакате да го уништите нивниот убав изглед.
Потрошете повеќе пари за маникир во козметички салон. Многу луѓе се откажале од грицкањето на ноктите затоа што тоа ги чинело скапо. Ако секој месец плаќате повеќе од 1000 денари за маникир, ќе бидете позасегнати од проблемот и повеќе ќе се трудите да го отстраните од вашиот живот.
Носете ракавици. За страсните гризачи кои не можат да се одвикнат на друг начин, експертите советуваат да носат ракавици. На лето тоа и не е баш изводливо, но во текот на преостанатиот дел од годината, пожелно е да се практикува.
Секогаш со вас носете прибор за маникир. Во чантите носиме сè и сешто, па има место и за мал прибор за маникир (грицкалка за нокти и турпија). Секогаш кога ќе видите дека некој од ноктите потпораснал, извадете ја грицкалката и потсечете го за да не го правите тоа со своите заби. Ако се обидувате да ги порасните ноктите, извадете турпија и со неа држете ги рацете зафатени.
Користете гума за џвакање. Џвакањето ќе ви помогне да ја држите устата зафатена и нема да посакувате да ги ставате прстите в уста.
Постојано потсетувајте се колку лоша навика е грицкањето на ноктите.Секогаш имајте на ум дека со рацете допирате сè и сешто, а ноктите се скриен дом на милионите бактерии со кои доаѓате во контакт. Со грицкањето вие ги ставате бактериите директно в уста и ризикувате да настрадате од инфекции и други болести.
Побарајте поддршка во откажувањето. Вклучете ги најблиските во вашето откажување од грицкањето. На блиските пријатели и семејството кажете им да ви даваат сигнали кога ќе забележат дека ги гризете ноктите. Се разбира, тоа не треба да биде јавно и да ве засрамуваат во друштво, туку поприкриено за само вие да видите.
Дознајте во кои ситуации се активира оваа ваша навика. Во текот на еден месец, запишувајте ги во бележник сите ситуации во кои сте се „фатиле“ дека грицкате. Ќе можете да утврдите кои ситуации ја активираат оваа непријатна навика. Потоа, кога ќе се најдете во таква ситуација, ќе знаете дека ќе посегнете по вашите нокти и тоа ќе придонесе повеќе да внимавате и да се контролирате.
Грицкањето на ноктите може да е знак за постоење на посериозен психолошки проблем. Ако се сомневате во нешто слично, консултирајте се со стручно лице.
И за крај, најважна е волјата и решителноста. Доколку сте решени да се откажете, ќе бидете упорни и кога-тогаш ќе успеете да се ослободите од оваа непријатна навика.