Резултатите од истражувањето спроведено од Медицинскиот колеџ во Илиноис покажуваат дека усвојувањето на осум здрави навики во средните години можат да го продолжат животот за 24 години.
Научниците го испитувале влијанието на непушењето, здравата исхрана, добриот сон, управување со стресот, физичка активност, позитивни социјални односи со други луѓе, избегнувањето на алкохол и независност од опиоиди (аналгетици против силни болки).
Жените со сите осум од овие навики на 40-годишна возраст би можеле да живеат во просек 21 година подолго од жените без ниту една од овие навики, покажува студијата. Додека 40-годишните мажи со сите осум навики би можеле да очекуваат да живеат во просек 24 години подолго од оние кои ги прекршуваат сите. Навистина бевме изненадени од тоа колку може да се добие со усвојување на еден, два, три или сите осум фактори на животниот стил. Интересно е што дури и да не сте ги почитувале во помладите години, ако некои од овие навики ги усвоите по 40-тата година, тие прават разлика. Колку порано, толку подобро, но дури и ако направите мала промена во вашите 40-ти, 50-ти или 60-ти, тоа е сепак корисно, изјави водечкиот автор на студијата д-р Ксуан-Маи Нгуен.
Резултатите покажале дека физичката активност, непушењето и независноста од опиоиди имаат најголемо влијание врз животниот век. Оние кои редовно вежбаат имале 46 отсто помал ризик од смрт, непушачите 29 проценти, а 38 отсто оние кои немаат проблеми со опиоидите.
Минимизирањето на стресот, здравата исхрана, не пиење алкохол и добар сон се поврзани со 20 отсто помал ризик од умирање.
Здравите животни навики можат да ги спречат основните причини за хронични болести, кои би можеле да им помогнат на луѓето да живеат подолго, до осумдесеттите, а не до шеесеттите. Тоа би можело да заштеди пари за лекови и третман, наведе д-р Нгуен.
Истражувањето покажува дека 40-годишни мажи со ниту една од навиките за здрав начин на живот би можеле да очекуваат да починат на просечна возраст од 62 години, но оние со сите осум здрави навики би можеле да доживеат 86 години. Жените со ниту една од здравите навики би можеле да очекуваат да живеат до 66 години, но оние со сите осум би можеле да доживеат 88 години.
Здрави навики се поврзани со 87 отсто намалување на ризикот од рана смрт.
И двата пола би можеле да очекуваат околу 17 до 18 дополнителни години живот доколку ги имаат сите осум добри навики на 60 години.
Во истражувањето учествувале речиси 720.000 воени ветерани во САД, кои пополнувале прашалници за нивниот начин на живот и чии здравствени досиеја биле анализирани. Потоа биле следени субјекти на возраст од 40 до 99 години. Во студијата се земени предвид и 33.375 смртни случаи помеѓу испитаниците.