Наоѓање на главата на Свети Јован Крстител
Великиот и славен Крстител Јован беше убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекоа главата, Иродијада нареди да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашеше дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зеде неговата глава и ја закопа на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можеше да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопа, ја однесе во Ерусалим и ја закопа на Елеонската Гора. Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дозна дека Исус врши големи чуда, се уплаши и рече: „Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). По извесно време еден угледен богаташ поверува во Христа, ја остави својата висока позиција и суетата на светот и се замонаши, па како монах со името Инокентиј се насели на Елеонската Гора токму на она место каде што беше закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си ѕида келија копаше длабоко и пронајде земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му беше јавено дека е на Крстителот. Тој ја целива и ја закопа на истото место. По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одеше од рака на рака и понираше во мракот на заборавот па одново беше објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не беше пренесена во Цариград. Од главата на Светиот Предвесник се извршија многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека беше жив Свети Јован не изврши ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се даде дар на чудотворство.
Тропар
Откако нераспадливата глава Претечева засветли од земјата, на верните им испушта зраци на исцеленија. Од висините собира мноштво ангели, а долу го повикува човечкиот род да Му испратат на Христа Бога слава едногласна.
Кондак
Пророче Божји, и Претечо на благодатта, откако ја најдовме твојата глава како најсвета роза, постојано добиваме исцеленија, бидејќи и сега, како и порано, во светот проповедаш покајание.
Преподобен Еразмо, монах Печерски
Од родителите наследи големо богатство и целото го потроши за украсување на црквите, особено за посребрување и позлатување на икони. А кога осиромаши и остана без ништо сите го презреа. Ѓаволот му нашепна дека залудно си го потроши имотот: наместо да им го раздаде на сиромасите тој го потроши за украсување на црквите. Еразмо му се подаде на ова искушение и поверува, заради што се презре себеси и падна во очајание, па почна да живее беспатно и беззаконо. Кога му се приближи часот на смртта, се собраа околу него монасите од братството и почнаа да разговараат за неговите гревови, зашто тој беше во бессознание. Одеднаш се исправи во постелата и рече: „Отци и браќа, така е како што велите, но еве ми се јавија Светите Антониј и Теодосиј, а потоа и Пресвета Богородица и ми рекоа дека Господ ми дава уште време за покајание“. Пресвета Богородица му кажала и охрабрувачки зборови: „Сиромасите ги имате на секое место, а моите цркви ги немате“. И поживеа уште три дена, па се покаја и почина во Господ. Свети Еразмо се упокои во 1160 година.
Тропар
Љубејќи го благолепието на домот Божји, штедро си го раздал својот имот заради негово украсување, преподобен Еразмо. Затоа, сега, живеејќи во домот Господов на Небесата, моли се и ние осветени да бидеме, во Господовото живеалиште.