петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светци

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светци

Светиот маченик Евсигниј

Беше војник кај царот Максимијан, кај царот Константин Велики и кај неговите синови. Присуствуваше на мачењето на Светиот маченик Василиск (22 мај) кога виде множество од ангели и Самиот Господ Исус како од ангелите ја прима душата на овој Свет маченик. Војуваше за царот Константин и го виде крстот што му се јави на царот. Откако ислужи во војска цели шеесет години, за време на царувањето на Константиновите синови се повлече од воената служба и се насели во Антиохија, којашто му беше роден град. Овде животот го минуваше богоугодно, во пост, молитва и добри дела. Во времето на Јулијан Отстапник двајца скарани луѓе на улица го зедоа него за судија. Тој му пресуди правда на правиот, заради што кривиот се налути, отиде кај царот и го обвини Евсигниј како христијанин. Царот го повика на суд, но тој го изобличи царот за страшното отстапништво од верата и го укори со светлиот пример на великиот Константин. Огорчен, Јулијан нареди и му ја отсекоа главата. Свети Евсигниј пострада и се пресели во Небесното Царство во длабока старост, во 362 година.

Светиот свештеномаченик Фавиј (Фавијан), папа Римски

Родум римјанин. Фавијан најпрво беше селски свештеник, а потоа, кога при изборот на папа врз него слезе бел гулаб, беше избран тој. Беше кроток и незлоблив. Со голема усрдност ги собираше телата на Светите маченици, чесно ги погребуваше и на нивните гробови подигаше храмови. Подигаше и молитвеници и параклиси по пештерите во коишто се криеја мачениците за време на гонењата. Го крсти царот Филип и неговиот син принцот Филип и со помош на крстениот сенатор Понтиј разурна многу идоли и идолски храмови. Но кога се зацари суровиот Декиј, настана страшно гонење на христијаните, во коешто пострада и Свети Фавиј, обезглавен со меч во 250 година. Свети Фавиј востанови мирото да се осветува на Велики Четврток.

Светиот маченик Понтиј

Сенатор, син на сенаторот Марко и неговата жена Јулија. Јулија беше бездетна и зачна дури после дваесет и две години брачен живот, кога го роди Понтиј. Крстен од папата Понтијан заедно со својот другар Валериј (писателот на неговото житие), тој успеа да го приведе во верата својот татко Марко и царот Филип со синот и мнозина други угледни римјани. Како сенатор многу ја штитеше и ја помагаше Црквата и му беше голем пријател на папата Фавиј. Кога настана Декиевото гонење, Понтиј побегна од Рим и се сокри под Алпските Планини. Но во времето на Валеријан и Галиен беше фатен и подложен на страшни маки, при што се пројавија многубројни Божји чуда и мнозина се обратија кон Христа. Овде се најдоа и голем број Чивути што му викаа на судијата: „Убиј го, убиј го тој маѓепсник!“ На тоа Свети Понтиј ги воздигна рацете кон небото и рече: „Ти, благодарам, Боже мој, што и Чивутите викаат против мене како и некогаш нивните татковци против Христа: распни го, распни!“ Го убија со меч во 257 година и го погребаа до неговиот пријател Валериј.

Света Нона

Мајката на Св. Григориј Богослов. Како христијанка имаше силна и чудотворна молитва. Така со својата молитва кон Бога таа го обрати својот маж од незнабожечката глупост во христијанската вера. Нејзиниот маж Григориј подоцна беше епископ во градот Назијанз. Света Нона своевремено со молитва го спаси и нејзиниот син Св. Григориј Богослов од бура. Се престави мирно како ѓакониса во 374 година.