понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Светиот апостол и евангелист Јован

Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб. Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст. Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелуваа болни од разни болести.

Тропар
Апостоле, возљубен од Христа Бога, побрзај да ги избавиш луѓето без одбрана, оти, Оној што ти дозволи да се потслониш на Неговите гради, ќе ти дозволи и да Го помолиш за нас. Него моли Го, Богослове, да го растера и темниот облак на незнабошците, просејќи за нас мир и милост голема.

Кондак
Твоето величие, девственику, кој може да го прикаже, зашто точиш чудеса и излеваш исцеленија, и се молиш за душите наши, како богослов и Христов пријател.

Преподобен Арсениј Велики

Овој славен светител е родум од една патрициска фамилија во Рим и добро школуван како во светските науки и во философијата така и во духовната мудрост. Кога ја остави сета светска мудрост, се предаде на служба на Црквата и стана ѓакон во големата црква во Рим. Неоженет, повлечен, молчалив, Арсениј мислеше така да го проживее сиот свој живот. Но Промислата Божја го управи неговиот живот поинаку. Царот Теодосиј го зеде за воспитувач и учител на своите синови Аркадиј и Хонориј и го постави за сенатор, опкружувајќи го со големо богатство, почести и раскош. Но сево ова повеќе го притискаше срцето на Арсениј отколку што го задоволуваше. Се случи еднаш Аркадиј направи некоја беља, а Арсениј го казни за тоа. Навредениот Аркадиј му смислуваше тешка одмазда на учителот, за која Арсениј кога дозна се облече во облека на питач, отиде на морскиот брег, седна на кораб и замина за Мисир. Кога пристигна во славниот Скит, му стана ученик на прочуениот Јован Колов и се предаде на подвиг. Се сметаше себеси за мртов и кога некој му јави дека му умрел некој богат роднина и му го оставил во наследство сиот имот, тој одговори: „Па јас умрев пред него, како можам да го наследам!“ Повлечен во една пустинска келија како во гробница, постојано плетеше кошници од палмови лисја, а ноќе Му се молеше на Бога. Ги одбегнуваше луѓето и секој разговор со нив. Само во празнични денови излегуваше од келијата и доаѓаше в црква да се причести. За да не стане мрзлив, си го поставуваше прашањето: „Арсениј, зошто дојде в пустина? “ Помина педесет и пет години како пустиножител и за сето тоа време им беше пример на монасите и слава за монаштвото воопшто. Поживеа с ? на с ? сто години и по долготраен труд и доброволно себеналожено мачеништво се упокои мирно, во 448 година. Се пресели во Царството на Христа Бога, Кого Го љубеше со сето свое срце и со сета своја душа.

Тропар
Велики Арсение Божји угодниче, тебе Христос ти беше кормилар, а ангелите сопатници на лаѓата спасоносна, оклоп ти стана молчанието, очи ти беа молитвите, моли се за нас, пустински ангелу, за и ние озарени од Божјата благодат, по твоите молитви да стигнеме до небесните висини.

Света Емилија

Мајката на Свети Василиј Велики. Во младоста сакаше доживотно да остане девојка, но беше принудена на брак. Роди девет деца и толку ги вдахнови со дух Христов, што петмина од нив станаа христијански светители, и тоа: Василиј Велики, Григориј – епископ Ниски, Петар – епископ Севастиски, Макрина и Теозвија. На старост устрои манастир, во кој живееше со својата ќерка Макрина. Таму се упокои во Господ на 8 мај, 375 година.

Тропар
О мајко од Бога благословена, Емелијо света, ревноста твоја младешка Господ ја умножи во утробата твоја и светот ја спозна силата Божја во децата кои како светила на родот човечки беа подарени. Радувај се, мајко, радувај се, подвижничке, и за нас моли се, ти која и првина и десеток на Бога Му подари.

Преподобен Арсениј Трудољубивиот

Монах киевски. Никогаш не си даваше себеси одмор, а непрестајно се трудеше. Храна земаше еднаш дневно, по залезот на сонцето. Се подвизуваше и се упокои во 14 век.

Тропар
Одмор на телото не даде, блажен Арсение, сe додека не го покори на душата, а стража на устата постави сe додека Името вечно во тебе не се удоми. Спомни си за нас, оче свети, за кого Сонцето залез никогаш не достигна.