вторник, 19. март 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Свети Никифор Исповедник, патријарх Цариградски

Благородник од Цариград. Татко му, Теодор, беше висок чиновник на царскиот дворец, богат и благочестив. Никифор служеше неколку години на дворецот во истиот чин како татко му. Но откако ја виде сета светска суета, се оддалечи на бреговите на Босфор и таму изгради манастир. Набрзо манастирот се наполни со монаси, а тој управуваше со манастирот не сакајќи самиот да се замонаши, под изговор дека е недостоен, иако во с ? им служеше на сите за пример. Пред ова, учествуваше на VII Вселенски Собор како мирјанин, по волја на царот и на патријархот и многу му користеше на Соборот со своето извонредно познавање на Светото Писмо. Кога умре патријархот Тарасиј, Никифор беше избран за патријарх, против неговата волја. Веднаш по изборот го прими монашкиот чин и другите чинови по ред и во 806 година беше востоличен во Света Софија за патријарх. Тоа беше во времето на царот Никифор, којшто набрзо потоа отиде во војна со Бугарите и загина. Неговиот син Ставрикиј владееше само два месеци и умре. По ова се зацари царот Михаил Ранкаба, но владееше само две години, додека царот Лав Ерменин не го собори и протера. Кога се зацари овој Лав, патријархот му испрати книга за Православното Вероисповедање за да ја потпише (според обичајот на сите византиски цареви, а што се сметало за заклетва дека ќе се држи и ќе се брани вистинската вера). Царот не потпиша, туку го одложи тоа за после крунисувањето. А откако патријархот го круниса, тој откажа да ја потпише оваа книга и набрзо се објави себеси како еретик иконоборец. Патријархот се обиде да го посоветува и да го врати кон вистинската вера, но попусто. Царот насилно го протера Никифор во прогонство на островот Проконис, каде што во беда и во секакви лишувања помина тринаесет години, па се пресели во вечноста, во 827 година. Како патријарх управуваше со Црквата Христова девет години.

Тропар
Никифоре, свет пастиру Божји, прими денес и во векови пофалба од вселената, слава и чест во дворовите небесни, венец маченички од рацете Христови, круна исповедничка од Бога Троичниот, и за нас спомни си, облагодатен слуго Христов, кога пред Господа коленичиш за родот човечки.

Светиот новомаченик Константин

Роден како муслиман на осторовот Митилена. Откако беше исцелен со помош на Света вода, со што се избави од тешка болест, и откако виде многубројни други чуда на верата Христова, се крсти на Света Гора во Скитот Капсокаливит. Подоцна им падна в рака на Турците коишто по четириесетдневни маки го обесија во Цариград, на 2 јуни 1819 година.

Свети Јован Нов Сочавски

Благородник од Трапезунт. Обвинет од некој завидлив Латин пострада за Христа во 1492 година во градот Акерман. После мачењето, затоа што не сакаше да ја усвои верата персиска (бидејќи градоначалникот беше припадник на таа вера), Свети Јован беше врзан за нозете на еден коњ и влечен по градот. Некој злобен Евреин штом го виде, притрча и го закла. Таа ноќ мнозина видоа огнен столб над неговото тело и три светлоносни мажи околу него. Подоцна војводата молдавски Јоалександар му го пренесе чесното тело во градот Сочава и го погреба во храмот на митрополијата, каде што и денес почива и чудесно ги спасува луѓето од разни маки и болести. Чесно пострада и се прослави на 2 јуни 1492 година.

Тропар
Низ многу тегоби се влегува во Небесното Царство, о велик Јоване, но патот твој поради големата ревност за Христа, со благодат неизмерна беше обвиткан, која послужи за исповедништво на верата, примерно да покажеш пред светот и ангелите. Затоа, моли се непрестајно за нас, чудотворче Божји, спасени да бидеме по твоите свети молитви.

Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа. Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.

Тропар
Твојот живот си го минал преподобно, премудри, со одеждата на свештенството си се украсил светло; понижуван, со крвта маченичка, Еразмо, се удостои за небесните пречисти почести и, стоејќи пред Света Троица, се молиш за нас, кои те воспеваме.

Кондак
Најтоплиот застапник во неволјите, и добропослушен посредник за оние што просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен н? тера да повикуваме: Господи, слава Ти!

Светите дваесет илјади маченици Охридски

Свети Еразмо Охридски како архиереј тргнал да го проповеда Евангелието и кога дошол во Охрид, тој го воскреснал синот на некој човек по име Анастас и го крстил овој човек. Во таа прилика крстил и мнозина други незнабошци и ги разорил идолските жртвеници во Охрид. За ова бил обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојувал во Илирија. Царот го извел пред бакарната статуа на Ѕевс и му наредил да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направил со благодатта, па од статуата излегла страшен змеј и го исплашила сиот народ. И, светителот со благодатта го погубил змејот. Тогаш светителот Го проповедал Христа и крстил дваесет илјади души. Огорчен царот наредил и ги заклале сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го ставил на тешки маки, па потоа го фрлил во затвор.

Тропар
Утрински ѕвезди, дваесет илјади поведени од пастирот Еразмо, поитавте кон Сонцето на правдата, венци да добиете за верата ваша, а нас н? востоличивте надеж во нашите молитви да имаме и да повикаме: Радувајте се во Христа, свети воини Господови.