четврток, 4. јануари 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Светите четириесет и петмина маченици: Леонтиј, Маврикиј, Александар, Сисиниј и другите

Во времето на свирепиот цар Ликиниј, којшто владееше со источниот дел на Византиското царство, имаше големо прогонство на христијаните. Во Никопол Ерменски на царскиот намесник Лисиј му се јави Свети Леонтиј со уште неколкумина пријатели и за себе му рекоа дека се христијани. „А каде е вашиот Христос?“, ги праша Лисиј. „Нели Го распнаа и умре?“ На ова му одговори Свети Леонтиој: „Кога знаеш дека нашиот Христос умре, знај дека и воскресна од мртвите и се вознесе на небото“. По долга препирка за верата Лисиј ги изнатепа и ги фрли во затвор, па не им даваа ни да јадат ни да пијат. Некоја благородна христијанка Василијана им носеше храна и им ја подаваше низ затворскиот прозорец. И во затворот им се јави ангел Божји, ги утеши и ги охрабри. Кога беше судењето, на Лисиј му се јавија и двајца од затворските чувари како новообратени христијани, и уште многумина други, вкупно на број четириесет и пет. Судијата сите ги осуди на смрт, но така што прво да им ги отсечат со секира рацете и нозете, па потоа да ги фрлат во оган. Оваа грозна казна беше целосно спроведена, а душите на овие Свети маченици одлетаа при својот Господ во животот вечен. Чесно пострадаа и наследија царство во 319 година.

Тропар
Маченици свети, кои на бојно поле побрзавте, Христа Го исповедавте и венец на спасение добивте. Повикајте и денес за нас, о младенци на Царството нетлено – раце подавајќи на жртва, поради Оној Кој нив ги создаде, нозе принесувајќи за да одиме по стапките на Неговите заповеди, о Никополски маченици, молете се Христос сила да подари, за спасение на нашите души.

Преподобен Антониј, Киево-печерски

Основоположник и татко на монаштвото во Русија. Роден е во малото место Љубеч близу Чернигов. Рано ја остави својата татковина и отиде на Света Гора, каде што се замонаши и се подвизуваше во манастирот Есфигмен. Според едно небесно јавување игуменот го упати во Русија за да создава таму монаштво. Тој си избра една пештера кај Киев. Кога околу него се собраа желните за монашки живот, тогаш тој им го постави за игумен Теодосиј, а самиот остана во пештерата во безмолвие. Со Божјиот благослов манастирот нарасна и стана матица на руското монаштво. Антониј претрпе многу злоба од луѓето и од демоните, но со својата кротост ги победи сите. Имаше голем дар на проѕорливост и на исцелување на болни. Се престави кај Господ во 1073 година, во деведесеттата година од својот живот и остави духовен расадник, којшто му носи добри плодови на рускиот православен народ со векови.

Тропар
Излегувајќи од световниот метеж и откажувајќи се од светот, евангелски Христос си Го следел: и живеејќи рамноангелен живот во тивкото пристаниште на Света Гора Атонска си пристигнал, откаде со благослов на отците во гората Киев си заминал, и таму трудољубиво животот твој завршувајќи го, татковината си ја просветил, и на мноштво монаси патеката која води кон Небесното Царство си им ја покажал, кон Христос нив приведувајќи ги. Него моли Го, Антоние преподобен, да ги спаси нашите души!

Пренос на чесната риза на Господ Исус Христос

Во времето на страдањето на Господ Исус за човечкиот род, во одредот на римската војска во Ерусалим се наоѓаше и еден Грузиец Елиоз од градот Мцхет. Мајка му имаше слушнато за Христа и во срцето веруваше во Него. Кога го испрати сина си во војска во Палестина, го посоветува да не прави ништо против Христос. Кога беше Господ закован со клинци на крстот, звукот на чеканот на Голгота дојде до ушите на Елиозовата мајка во Мцхет. Штом го чу овој звук, таа возвикна: „Тешко мене што не умрев пред ова време, смртта ќе ме избавеше од овој страшен звук!“ Го рече тоа и падна мртва. Елиоз тогаш се наоѓаше под Крстот заедно со другите војници и фрлаше коцка за ризата Христова. На коцка ризата му падна нему, па тој ја донесе во Мцхет и ? ја подари на сестра си Сидонија. Оваа пак кога слушна за смртта на Господ и за тоа дека брат ? учествувал во крвопролевањето на невиниот, падна мртва, држејќи го цврсто во своите раце хитонот на Господ. Никој не можеше да ? го истргне од рацете и беа принудени да ја погребаат заедно со хитонот. Од нејзиниот гроб изникна кедар од којшто течеше исцелително миро. По време кедарот падна и местото го заборавија. Го пронајде Света Нина, на која ? помогна огнениот столб што се јави на нејзината молитва над тоа место. Кога се крсти царот Миријан таму им подигна црква на Светите апостоли. Во 1625 година шахот Аббас ја зеде ризата и ја испрати на дар во Москва на кнезот Михаил Фјодорович и на патријархот Филарет. Ризата ја поставија во Успенскиот Собор во Москва.

Тропар
Да притекнеме сите верни кон Божествената и целебна риза на Спасителот, нашиот Господ, Кој благоизволи да ја носи неа на Телото Свое, и на Крст Својата света Крв да ја излие, со која н? избави од демонските дејства. Затоа, благодарејќи да Му повикаме: Спаси ја нашата земја, архиереите, градот и сите луѓе, со чесната Твоја риза заштити ги и спаси ги нашите души како Човекољубец.