Свети Митрофан, првиот патријарх Цариградски
Неговиот татко Дометиј, брат на римскиот цар Пров, побегна од Рим како христијанин и дојде во Византија. Византискиот епископ Тит го посвети за презвитер. По смртта на Тит Дометиј стана епископ Византиски. По смртта на Дометиј, епископскиот престол го зазеде неговиот постар син Пров, а по кончанието на овој, престолот епископски го зазеде Митрофан. Кога царот Константин првпат го виде Митрофан, го засака како татко. Во времето на Првиот Вселенски Собор Митрофан беше веќе старец на сто и седумнаесет години, па не можејќи самиот да земе учество во работите на Соборот за свој заменик го одреди хороепископот Александар. Царот му го издејствува кај соборот чинот Патријарх. И така тој беше првиот патријарх Константинополски. Царот уште и го повика целиот Собор да го почести со посета престарениот и болен архипастир. Кога царот го запраша кого би го сакал за наследник на патријаршискиот престол, Митрофан го назначи Александар, а потоа му рече на Александар Александриски: „О брате, пресветол наследник ќе оставиш ти!“ И го зеде за рака архиѓаконот Атанасиј, подоцна Атанасиј Велики, патријарх Александриски, и го пофали пред сите. По ова пророштво се прости со сите и по десет дена ја предаде душата на Бога, во 325 година.
Светиот маченик Конкордиј
Беше голем испосник и чудотворец за време на овоземниот жиовт. Во времето на царот Антонин уапсен заради верата во Христа. После мачење и робија, беше изведен пред камениот идол Диј за да му се поклони. Тој плукна на идолот и заради ова веднаш беше убиен со меч.
Светите маченици Фронтасиј, Северин, Северијан и Силан
Мачени во времето на царот Клавдиј, во Франција. Кога им беа отсечени главите тие станаа, си ги зедоа своите глави в раце, преминаа преку реката Ил и дојдоа до црквата на Пресвета Богородица, во којашто се молеше епископот Фронтон. Штом влегоа в црква, ги положија своите глави пред нозете на епископот, па легнаа и си ги прекрстија рацете на градите. Овде беа чесно погребани. На нивниот погреб се слушаше пеење на невидливите војски ангелски.
Преподобен Зосим, епископ на Нов Вавилон, град мисирски.
Се подвизуваше на Синајската Гора. Дојде по работа во Александрија, но тогаш беше посветен за епископ Вавилонски од блажениот патријарх Аполинариј. Пресветол пастир на Христовото стадо. Кога го совладаа староста и уморот, се повлече повторно на Синај, кај што ја предаде душата своја на Бога и прими венец на слава меѓу јерарсите. Живееше и се упокои во 6 век.
Светиот свештеномаченик Астиј, епископ Драчки
Пострада во времето на Трајан. Најпрво го биеја со оловни прачки, а потоа го соблекоа и гол го распнаа на дрво. Телото му го намачкаа со мед за да го касаат осите и стршените. Славејќи Го Бога во најголеми маки, Свети Астиј издивна и прими два венци: на маченик и на јерарх.
Светите сестри Марта и Марија
Сестрите на Лазар. По Вознесението на Господ, Лазар отиде да го проповеда Евангелието. Во ова му помагаа неговите сестри. Не е познато каде се упокија.