Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители:
Преподобна Макрина
Најстарата сестра на Св. Василиј Велики и Св. Григориј Ниски. Како девица рано ја свршија за некој благороден младич. Но кога ? умре свршеникот, Макрина се заветува никогаш да не стапи во брак, говорејќи: „Не е право девојката верена за еден вереник да оди кај друг; според природниот закон сопружништвото треба да биде едно како што е едно раѓањето и една смртта“. Уште го оправдуваше таа ова со верата во Воскресението, сметајќи го својот вереник не за мртов, туку за жив во Бога. „Грев и срамота е“, велеше, „сопругата да не ја сочува верноста кон сопругот кога тој ќе појде во некоја далечна и непозната земја“. Потоа заедно со нејзината мајка Емилија примија монаштво во еден девствен манастир, каде што се подвизуваа со други монахињи. Живееја од трудот на своите раце, а поголемиот дел од времето го посветуваа на богомислие, молитва и непрестајно воздигнување на умот кон Бога. По некое време мајка ? умре, а потоа и брат ? Василиј. Деветтиот месец по смртта на Василиј дојде да ја посети Григориј, но ја најде на смртна постела. Пред смртта Макрина Му вознесе молитва на Бога: „Ти Господи ги упокојуваш нашите тела со сон смртен на некое време, но после повторно ќе ги разбудиш со последната труба. Прости ми и дај ми кога мојата душа ќе ја соблече нејзината телесна облека да застане пред Тебе непорочна и без грев и да биде како темјан пред Тебе.“ Потоа со раката си направи крсен знак на челото, на очите, на лицето, на срцето и издивна. Се упокои во Господ во 379 година.
Тропар
Бог им се противи на горделивите, о блажена Макрино, а на смирените им дарува благодат, исцелувајќи ја душата и болестите телесни, тебе на која ? беше откриена тајната на привремената смрт, ангелски времениот живот го помина, и сега имајќи слобода пред Христа, моли се за спасение на оние што го празнуваат твојот свет спомен.
Преподобниот Диј
Родум од Антиохија Сириска, од христијански родители. Во младоста научен на монашки подвиг од боговдахновени мажи. Откако издржа макотрпна и долготрајна борба со ѓаволот и против телесната похот, Бог му даде голем дар на чудотворство. Во своите молитви најчесто се обраќаше до Света Троица. Со силата на молитвата правеше големи и страшни чуда: направи сув стап да се разелени, наполни сув бунар со вода, еден неверен човек го умртви и пак го воскресна. После некое двојно небесно видение ја напушти Антиохија и се пресели во Цариград, па го продолжи подвигот во близина на овој град. Славата за него брзо се разнесе, па и самиот цар Теодосиј Помладиот го посети за да прими од него совет, а патријархот Атик го наговори да прими свештенички чин и го ракоположи. Откако поживеа многу години се подготви за смртта, се причести, ги поучи браќата, легна на постела и пред очите на сите беше мртов. Веста за неговата смрт привлече многу народ, дојде и патријархот Атик заедно со Александрискиот патријарх. Но кога сакаа да го погребаат, тој одеднаш стана како разбуден од сон и рече: „Бог ми подари уште петнаесет години од овој живот.“ Оттогаш Свети Диј поживеа точно петнаесет години и многумина ги поучи на патот на спасението. Исцели мнозина, на многумина им помогна во разни беди и неволји и најпосле ја предаде својата душа на Господа, Кому сиот свој живот верно Му послужи. Се упокои во длабока старост, во 430 година.
Тропар
Поради тебе, Дие преподобен, се славеше Отецот Небесен, поради благодатта ти дарувана, бестрасноста привлече многумина, а Господ времето земно Го продолжи за да бидеш на сите – с?, славејќи Го Бога непрестајно. И сега, оче преподобен, не престанувај да бидеш сад преполн молитвен за сите кои го празнуваат споменот твој чесен.
Свети Канис или Кенет
Свети Канис бил еден од дванаесетте апостоли во Ирска. Бил ученик на свети Моби од Гласневин, на свети Сијаран и свети Комгал. Бегајќи од чумата, отишол во Велс да учи под раководство на свети Кадок, а во 545 година бил ракоположен за свештеник. Заедно со својот пријател свети Колумба од Јона патувал низ Шкотска, покрстувајќи ги Пиктите. Кога се вратил во Ирска, изградил црква и манастир во Килкени, една од последните области во Ирска што била христијанизирана. При крајот на својот живот напишал толкувања на сите четири евангелија. Се упокоил во 600 година.
Наоѓање на моштите на преподобен Серафим Саровски
Светиот старец Серафим, Саровскиот Чудотворец, се упокоил на 2 јануари 1833 г., коленичејќи на молитва пред иконата на Мајката Божја „Умиление“. На земјата поживеал 73 години. Речиси сите негови предмети им припаднале на Дивеевските сестри. Веднаш по неговата смрт многу народ започнал да доаѓа на неговиот гроб. По 70 години од блаженото упокоение на Саровскиот Старец, отец Серафим бил прогласен за светител. Во 1903 г. се откриени и неговите мошти. Било присутно и Царското семејство Романови и неброено многу поклоници. Телото на свети Серафим не останало негнилежно, туку само коски. Тоа многумина збунувало, но не се моштите доказ за светоста, туку безбројните чуда што се случиле. Така определила Божјата промисла.Тогашната власт во 1926 година ги сокрила моштите на Светителот. Тие се пронајдени во 1990 година, во подрумот на петроградскиот Музеј за религија и атеизам, а во 1991 година биле пренесени во Дивеевскиот манастир.
Тропар
Радувај се, роде човечки, ликувајте Небеса вишни, ете застапник пред Господа во литија поворка од Небото до земјата ни се дарува. Со застапништво на Радоста на сите радости се измоли благословот Божји, а и сите Негови угодници те приведоа тебе, Серафиме, молби и молитви пред Спасителот да испросиш за нас кои пееме: Христос воскресна, радост моја!