Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители:
Светите Кир и Јован, бесребреници и чудотворци
Овие милосрдни и прекрасни светители не беа браќа по крв, но беа браќа по дух. Кир најнапред живееше во Александрија и како лекар ги лечеше луѓето со силата Христова и со материјални лекови. Кога дозна дека болестите ги напаѓаат луѓето најмногу заради гревовите, почна непрестајно да ги упатува болните со пост и покајание да си ја очистат душата од гревовите и така да си го повратат телесното здравје. Кога настана гонењето на христијаните од страна на Диоклецијан, Кир се оддалечи во Арабија и таму се замонаши. Но како што беше прочуен во Александрија исто така се прочу и во Арабија, па луѓето му прибегнуваа за помош. Кога Јован, тогаш римски офицер во Едеса, слушна за Кир, појде во Арабија за да го види. Кога се видоа се засакаа еден со друг како двајца браќа и останаа заедно да се подвизуваат. Во тоа време мачителите ја мачеа некоја маченичка Атанасија христијанка, со нејзините три ќерки во Каноп. Штом слушнаа за ова Кир и Јован отидоа во Каноп за да ги храбрат мајката и ќерките, та да не отпаднат од верата. И навистина, благодарение на советите на овие светители Атанасија ги претрпе сите маки и заедно со ќерките беше погубена за Христа. Ќерките на Атанасија се викаа: Св. Теоктиста, која имаше петнаесет години, Св. Теодотија на тринаесет години, а Евдокија единаесет години. Тогаш мачителите ги фатија Кир и Јован, па после долги маки и претрпен затвор ги убија со меч, во 311 година. Овие свети маченици извршија безбројни чуда за време на животот и после смртта. Нивните мошти во времето на царот Аркадиј се пренесени во Рим. Се повикуваат на помош особено при несоница, при осветување на вода и на Маслосвет.
Тропар
Чудесата извршени од Твоите свети маченици, Христе Боже, за нас се покажаа карпа несоборлива. По нивните молитви намерите на противниците разруши ги, татковината наша заштити ја, зашто си Единствен благ и човекољубив.
Светата маченичка Трифена
Драговолно и храбро ги поднесе сите маки за Христа. Па бидејќи не сакаше да се одрече од верата, пуштија еден бесен пес кој ја избоди и ја уби. Тоа се случи во 1 век. Нејзе ја повикуваат на помош мајките што не можат да ги дојат своите деца.
Тропар
Откако благодатта Божја се допре до тебе, љубовта Негова го исполни срцето Твое, о света маченичке Трифено, запалувајќи во тебе факел на ревност за Неговото Име. Предавајќи се на Небесниот Женик, преку тебе Христос извор стана за многумина кои се надеваат на светите твои молитви, напојувајќи се од слободата која тебе ти е дадена.
Преподобен Никита Печерски
Како монах не го послуша игуменот и се оддалечи од манастирот и се затвори во една келија. Заради непослушноста Бог допушти врз него едно големо искушение. Еднаш кога беше на молитва му се јави ѓаволот во вид на светол ангел и му рече: „Немој веќе да се молиш, туку читај книги, а јас ќе се молам за тебе!“ Никита послуша, престана да се моли и почна да чита книги. Го читаше само Стариот Завет, а Новиот никако не можеше ни да го отвори, зашто не му даваше силата ѓаволска. Со помош на ѓаволот и пророкуваше, и тоа само злосторства, грабежи, пожари и други зли дела, кои на ѓаволот му се познати затоа што во нив самиот учествува. Најпосле Светите отци печерски увидоа дека Никита падна во ѓаволска прелест и почнаа да Го молат Бога за него. Се поврати, ја увиде пропаста во која западна, горко се покаја за гордоста и непослушноста и се исправи на својот пат. После долго каење и многу солзи Бог му прости и го дарува со дар на чудотворство. Се упокои во 1108 година.