Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители:
Светиот великомаченик Теодор Стратилат
Драгоценоста на маченичкиот подвиг зависи од величината на богатството што ќе го напушти христијанинот примајќи страдање наместо тоа богатство; и од величината на страдањето што ќе го поднесе заради Христа. Свети Теодор, римски војвода, во војската на царот Ликиниј и градоначалник на градот Хераклеја, ја презре својата младост и убавина и војводскиот чин и царската милост и наместо тоа на себе прими страшни маки заради Христа. Најпосле беше биен, прими шестотини удари по грбот и петстотини по стомакот; потоа го подигнаа на крст и го издупчија со стрели. На крајот го убија со меч. Сето тоа го претрпе зашто Го љубеше Христа над с ? на светот. Го презре глупавото суеверие на царот Ликиниј, ги урна сребрените и златни идоли и парчињата од нив им ги раздаде на сиромасите; мнозина ги обрати во верата Христова и го повика самиот цар Ликиниј да се одрече од идолите и да поверува во единствениот жив Бог. За време на мачењето Свети Теодор непрестајно говореше: „Слава Ти, Боже мој, слава Ти!“ Пострада на 8 февруари 319 година во три часот попладне и се пресели во Царството Христово. Се смета за заштитник на војниците што го повикуваат на помош. Неговите чудотворни мошти ги пренесоа од Евхаити во Цариград и ги погребаа во црквата Влахерна.
Тропар
Вистински воин на Словото, Теодоре мачениче, со оружјето на верата мудро вооружувајќи се, на Небесниот Цар предобар војвода постана, победувајќи ги демонските полкови, се покажа како победоносен страдалник, затоа со вера секогаш те прославуваме.
Светиот пророк Захарија
Единаесеттиот од помалите Пророци. Заедно со Пророкот Агеј го поттикнуваше кнезот Зоровавел да го обноват ерусалимскиот храм. Го прорече свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим на младенче од ослица; и предавството на Јуда за триесет сребреници; и бегањето на апостолите од Христа во времето на Неговото страдање – ќе удрат по пастирот и овците ќе се разбегаат (13, 7). Пророкот Захариј се нарекува и Срповидец, зашто во визија виде срп како слегува од небото за да ги покоси неправедните, особено крадците и хулителите на Божјото име. Се упокои во последната година од царувањето на Дариј Хистасп, околу 520 година пред Христа.
Тропар
Праведнику Божји о, пророче Захарие, ти кој уста отвори да изнесеш Божји зборови, а преку нив мудрост која ќе нe спаси, моли се јасновидче да го избегнеме мечот на осудата и српот кој ќе се изнедри од вратата на совеста.
Свети Сава II, архиепископ Српски
Син на кралот Стефан Првовенчан, а внук на Свети Сава Први. Пред монашењето се викаше Предислав. Следејќи го примерот на својот голем чичко, Предислав се замонаши и ревносно се предаде на подвиг. Беше избран за архиепископ српски после Св. Арсениј. Под името Сава Втори, управуваше со Црквата со голема предаденост и љубов. Се упокои во 1268 година. Моштите му лежат во манастирот во Пеќ.