Светиот свештеномаченик Василиј
Презвитер анкирски. Под царот Констанциј трпеше многу од аријанците. Во тоа време се прочу како голем ревнител на Православието и вистински пастир на словесното стадо во Анкира. Потоа кога на престолот стапи Јулијан Отстапник и почна гонењето на христијаните, Василиј јавно го изобличуваше тоа ново нечестие и ги утврдуваше своите луѓе во верата. За ова беше фрлен во затвор. Кога дојде царот Јулијан во Анкира, го изведоа пред него Василиј и царот почна да го наговара да ја остави Христовата вера, ветувајќи му почести и богатство. Василиј му одговори: „Јас верувам во мојот Христос од Кого ти се одрече и Којшто ти го даде ова земно царство, но наскоро и ќе ти го одземе. Зарем не се срамиш од олтарот под којшто се спаси од смрт кога имаше осум години, кога те бараа за да те убијат?… Затоа наскоро ќе ти биде одземено ова земно царство; ни телото нема да ти биде погребано кога ќе си ја испуштиш душата во тешки маки.“ Царот се разлути и нареди од телото на Василиј секој ден да дерат по седум ремени кожа. Вака правеа мачителите неколку дена. Кога Василиј повторно излезе пред царот, самиот си симна еден ремен од сопствената кожа и му ја фрли в лице на Јулијан извикувајќи: „Земи и јади, Јулијане, ако ова јадење ти е слатко, а мене живот ми е Христос!“ Овој настан се разгласи по целиот град и царот од срам тајно се повлече од Анкира во Антиохија. А Василиј продолжија да го мачат со усвитено железо дури не Му ја предаде својата душа на Господ, за Кого многу пострада во 363 година.
Тропар
Тивко пристаниште за тебе приготви Христос твојот Спасител, извлекувајќи те од страдањата на телото, о велики мачениче Василие, ревноста твоја кај безброј христијани вера во нивните срца разгоре, примајќи од Бога слава и од нас прими пофалба, и спомни н? во Царството Небесно, кое во векови го наследи.
Света Дросида
Ќерка на царот Трајан. Заедно со пет други жени ја фатија како ги собира телата на постраданите Христови маченици и за ова царот жестоко ја искара. Оние пет жени беа тешко мачени и најпосле фрлени во растопен бакар, каде што Му ги предадоа своите души на Господ. А Дросида остана под строга царска стража. Но таа побегна од дворецот и самата себеси се крсти во една река. По осум дена Му ја предаде својата душа на Бога.
Тропар
Синаповото зрно се засрами гледајќи ја верата твоја, о Дросидо, невесто Христова, а твојот Женик побрза да удоволи на молбите, и пречистите раце твои ги удостои да се осветат за служба спасоносна. Радувај се, обручена девојко, која верата на петте монахињи ја прими и по патот кон небесата нив ги стигна за заедно да се радувате и за нас да се молите пред Христа нашиот Господ.
Преподобниот маченик Ефтимиј
Роден во селото Димитцани на Пелопонез. Како момче живееше христијански, но подоцна отиде во Романија и таму се предаде на голем разврат. Сред тој разврат злиот дух го наведе да се потурчи. Но штом направи така веднаш почна горчливо да се кае. Повторно се врати во Христовата вера и се замонаши на Света Гора. По неколку години поминати во тежок пост и молитва реши да умре за Христа. Со благослов на неговиот духовник замина за Цариград, каде што некако успеа да излезе пред великиот везир. Пред везирот почна да се крсти, да Го фали Христа и да го навредува Мухамед. После долги и тешки маки го осудија на смрт и го убија на 22 март 1814 година на Цветници. Од неговите мошти се случија многу чудесни исцеленија на болни. Неговата чесна глава се наоѓа во рускиот манастир на Св. Пантелејмон на Света Гора.
Тропар
О свето покајание – тебе Евтимиј те позна на патот од своето преумување. По молитвите на Пресветата ветрот се смири и благодатта се врати, која на подвиг исповеднички те приведе, свет страдалнику, моли се за нас пред Спасителот до крај да истраеме и чистата вера да ја запазиме.