Научно е докажано дека кучињата се извор на позитивна енергија во домот. Покрај радоста која ја носат со себе, домашните миленици се и голема одговорност, посебно ако се темпераментни и сакаат да ја истражуваат околината, па често се губат или бегаат од дома.
Во вакви ситуации мора да бидате внимателни, да направите се што можете за да го намалите ризикот вашето милениче да се изгуби, но и да го намалите стресот и стравот низ кое поминува во вакви ситуации.
Ви даваме пет практични совети како да го заштитите вашето милениче, но и себе од стресни ситуации.
Соодветно ланче
Доколку вашиот миленик од мал не е научен да шета сам без ланче и да се движи блиску до вас, потребно е да му обезбедите ланче кое ќе биде соодветно и ќе одговара на неговите потреби. Важно е ланчето да му овозможи лесно и слободно движење, да одговара на неговата големина и тежина.
Задолжително од време на време проверувајте ја цврстината на ланчето колку е истрошено и на време набавете си ново доколку е потребно.
Размислувајте превентивно
Доколку дојде до непријатна ситуација и вашиот миленик се изгуби, направете се што е во ваша моќ побрзо да го најдете. Доколку е пронајдено од случаен минувач помогнете му полесно да ве пронајде, односно задолжително чипувајте го и на ременчето закачете ги вашите информации, адреса и телефонски број.
Чувството дома и надвор од дома
Во период на патувања или промена на локација, природно е вашето куче да проба да се „врати дома“, односно да избега и да се изгуби во непозната средина.
Во ваков случај искористете стари играчки, ќебиња, дури и стари предмети кои мирисаат на вас и на вашиот дом со цел да им помогнете да се чувствуваат поудобно и посигурно во новата околина.
Реагирајте брзо
За да го намалите ризикот, набавете си специјално дизајниран паметен уред кој ќе го закачите на ременчето на вашиот миленик. Ваквите уреди овозможуваат преку мобилна апликација постојано да ја следите локацијата на вашето куче и да добивате известување доколку тоа излезе од домот или од местото кое вие предходно сте го обележале како сигурна зона.
Уредите се едноставни за ракување а вие ќе знаете каде е вашето милениче.
Грмотевици и огномет
Гласните и неочекувани звуци од непознато потекло можат да бидат многу страшни за вашето куче, особено ако се пропратени со мирис и светлина. Во вакви, за кучето страшни и стресни ситуации, тоа може да избега или да се сокрие.
За да го намалите стресот, но и ризикот од непријатни ситуации навикнете го кучето на гласни звуци, односно пред игра, прошетка или пред било која ситуација која за кучето е пријатна пуштете му звук на огномет.
Од време на време зголемувајте ја јачината на звукот, се со цел вашето куче да се навикне на вакви ситуации и лесно да го преброди стресот од истите доколку е само дома.