Ароматичното каранфилче спаѓа во групата на слатки зачини, па затоа повеќе се додава во слатки јадења, десерти и колачи. Но, не треба да се заборави дека со каранфилче и свинското печење, печениот дивеч, некои колбаси, салами, како и супи имаат посебен вкус.
Земјата од каде потекнува ова зачинско и лековито растение е Индонезија, а воедно тоа е земјата каде најмногу се произведува и се јаде како зачин и составен дел од секојдневното мени.
Неговите карактеристично изразени арома и вкус го прават многу поволна состојка за разни јадења како што спомнавме уште на самиот почеток, а посебно добро се вклопува во колачи и разни десерти и слатки пијалаци како што е греено вино кое е многу популарно на нашите простори.
Каранфилчето може да се купи во вид на цели исушени пупки кои се богати со етерично масло, а мирисот е интензивен, остар и пријатен, што означува добар квалитет. Квалитетното каранфилче содржи до 20 % етерично масло, а негова главна компонента е еугенолот, кој претставува 80-90% од маслото. Каранфилчето содржи и флавоноиди, танини, фенолкарбоксилни киселини и други корисни материи.
Лековити и корисни својства на каранфилчето за здравјето
За каранфилчето е потврдено дека го подобрува апетитот и варењето на храната, делува како антисептик, помага во отстранување на вишокот на слуз во дишните органи, а го зајакнува и црниот дроб. Докажано е дека терпенските состојки во еугенолот кој е главен составен дел на етеричното масло, се најзаслужни за антибактериското делување врз поголем спектар на бактерии, а исто така помага против многу врсти на габи.
Доколку го грицкате, каранфилчето е добар ароматик за отстранување на непријатниот мирис во устата, а и одличен антисептик за спречување на појавата на забен камен.
Каранфилчето делува и како локален анестетик кој моментално ја подобрува состојбата при забоболка, а истовремено делува како стимулатор за подобра циркулација на крв во непцата, што ги прави силни и здрави.
Според ајувердската медицина, овој зачин се смета за лековит за подобра циркулација, варење и метаболизам, а совладува стомачни проблеми како што се гасови, надуеност и мачнина во стомакот.