Велигденски пости
Овој пост е посветен за подготовка и во чест и спомен на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Христос воскресна од мртвите и со Неговата смрт смртта ја уништи, а со Него и сите нас кои веруваме и одиме по Него н? совоскрена за да наследиме воскресение и живот вечен. Оваа зададеност Бог му ја дал на човекот уште во рајот, при што требало да исполни само една заповед: да се воздржува, т.е. да пости. Ако постот му бил потребен на човекот во рајот за да дојде до целта, тогаш уште повеќе му е потребен во оваа земја на отуѓеност и богоотстапништво. Вистинскиот пост во себе ги содржи и сите добродетели: покајанието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг, а пред с?, молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета, па дури и суета и прелест. Постот е добродетел на Црквата, па според тоа има и соборни димензии, односно постиме и се подвизуваме не само за себе, туку и за сите други. Овој пост се пости строго без масло од понеделник до петок, освен сабота и недела кога се пости со масло. Два дена во текот на овој пост се јаде риба – на Благовештение и на Цветници, и тоа во зависност кога ќе се паднат. Првите три дена од постот монасите и поревносните христијани во светот држат тримир. Тоа е тридневен пост во целосно воздржување од јадење и пиење. Светите отци решиле овој пост да трае 40 дена како што постел Господ Исус Христос, и уште една недела, како тажна седмица, од влегувањето на Христос во Ерусалим с? до Воскресение. По Велигден е Светлата седмица и во таа седмица не се пости, а секој ден се оди во црква на Литургија. Треба да нагласиме дека начинот на постење опишан погоре е општо правило на Црквата, а секому му се одредува неговото лично правило со благослов на духовниот отец.
Светиот маченик Маврикиј и седумдесетмина војници
Во времето на царот Максимијан имаше големо гонење на христијаните. Маврикиј беше старешина на војската во градот Апамија Сирска. Незнабожците го обвинија кај царот како христијанин и како сеач на христијанската вера меѓу војниците. Самиот цар дојде и поведе истрага. Заедно со Маврикиј пред царот беа изведени и седумдесетмина војници христијани, меѓу кои и Маврикиевиот син Фотин. Овие јунаци не можеа да ги поколебаат ниту ласкањата ниту заканите на царот. На заканите му одговорија: „О цару, нема страв во доброумната и моќна душа на оние што Го љубат Господа!“ Кога царот нареди и им ги соблекоа војничките појаси и облеката, тие рекоа: „Нашиот Бог ќе н ? облече во облеки и појаси нераспадливи и со вечна слава!“ Кога царот ги укоруваше затоа што ги презреа војничките почести што им ги беше дал, одговорија: „Твоите почести се бесчестење, зашто заборави на Бога Кој ти ја даде царската власт! Тогаш царот нареди, па пред очите на Маврикиј го убија син му Фотин за со ова да го исплашат таткото и останатите. Но Маврикиј рече: „Ни ја исполни желбата наш мачителу и го испрати пред нас Христовиот војник Фотин“. Тогаш царот ги осуди на најнечовечна смрт – ги одведоа во една кал, ги разголеа, ги врзаа за дрвјата, ги намачкаа со мед за да ги испокасаат комарци, стршени и оси. Дури десеттиот ден во страшни маки Му ги предадоа своите души на Бога, за вечно да се радуваат со светите ангели на небото. Христијаните тајно ги зедоа нивните тела и чесно ги погребаа. Овие храбри Христови војници пострадаа околу 305 година.
Тропар
Господ, нашиот благ Спасител, те постави тебе, Маврикие свет, водач да бидеш на Неговите свети исповедници, кои сведоци бивајќи на благодатта Христова, покажаа на многуте напади демонски, кои како оси и стршлени човека го напаѓаат, а тие со вера исполнети низ оган поминаа, и прекалени молитвеници станаа, за оние кои Бога го возљубија, и на нив во своите искушенија си спомнаа.
Многубројните маченици во Евгенија близу Цариград
Во времето на царот Аркадиј беа откопани мошти на многумина Христови маченици, а меѓу нив ги пронајдоа и моштите на Светиот апостол Андроник и оние на неговата помошничка Јунија (Рим. 16, 7). Тие мошти беа пронајдени според откровението од Бога што му се даде на еден клирик, Никола Калиграф. Нивните имиња ги знае само Господ, Којшто ги запиша во Книгата на Живите на небесата. Над моштите на Св. апостол Андроник во 12 век царот Андроник I изгради прекрасен храм.
Тропар
Сведоци на Божјата благодат, исповедници на верата која спасува, маченици свети во Евгенија, вас на кои сите коски ви се изброени, имињата во книгата на животот запишани. Денес, Црквата Христова ве прославува, по вашите свети молитви да бидеме спасени од Оној Кој вас во подвигот ве укрепи.
Преподобните Таласиј и Лимниј
Сириски пустиници. Еден од нивните извонредни подвизи беше молчењето. По смртта на Св. Таласиј во 440 година Лимниј премина кај Св. Марон (14 февруари) и таму се подвизуваше на врвот од планината под отворено небо.
Тропар
Подвижници Христови, Спасителот умот ваш го просветли, Духот Свети покров стана по сите патишта на вашиот живот. Радувајте се, отци преподобни, милоста во име Господово, рајските порти ви ги отвори, и сега за нас по вашите свети молитви, Троичниот покажува милост голема.
Свети Папиј Ераполски
Ученик на Светите апостоли и патролошки писател. Од него имаме сведоштво за Евангелијата на Матеј и Марко, за четирите Марии и за браќата Господови, како и за еден непотполно зачуван спис: „Изјаснување на Словото Господово“.