Цинкот е многу важен минерал, кој што учествува во многу процеси во организмот. Како и другите минерали, така и цинкот треба да се консумира редовно преку исхраната или како додаток. Тоа му помага на организмот да функционира правилно и лесно да се бори против болести.
На повеќе од 200 ензими во телото им е потребен цинкот за да функционираат правилно. Цинкот е потребен за создавањето на многу хормони, меѓу кои и хормоните кои што му кажуваат на имунолошкиот систем како да се бори кога ќе го нападнат бактерии.
Цинкот е особено важен за оние хормони, кои што го регулираат растот на телото и машкиот хормон тестостерон. Недостигот на цинк кај мажите го намалува нивото на тестостерон и бројот на сперматозоидите.
Нивото на тестостерон влијае и врз сексуалната активност, големината на мускулната маса, растот на коските и сл. Затоа е потребно мажите да му посветат поголемо внимание на цинкот.
Организмот се справува полесно со настинките и грипот кога има доволно цинк во него, затоа што цинкот помага за зајакнување на имунолошкиот систем. Освен тоа цинкот помага и за одржувањето на добар изглед на кожата. Тој го контролира лачењето на лојните жлезди и помага во борбата против акните. И добриот вид на очите во голема мера зависи од цинкот.
Најголем дел од цинкот во телото е концентриран во кожата, косата, ноктите и очите (кај мажите и во простатата).
Дневните потреби на цинк најдобро е да ги задоволувате преку исхраната. Цинкот е најзастапен во црвеното месо, рибата и морските плодови, јаткастите плодови, семките од тиква и сончоглед и јајцата.
Овошјето и зеленчуците содржат минимални количини цинк. Од нив најмногу цинк има во крушите, оревите, црешите, гравот, грашокот и леќата.