четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

НАСА изведе симулација на прифаќање и склад на примероци од астероид

НАСА изведе симулација на прифаќање и склад на примероци од астероид

Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА изведе симулација на првата своја мисија за прифаќање, пренос и безбедно складирање примероци од астероид на Земјата.

Вселенското летало „Озирис-Рекс“ (OSIRIS-REx) на НАСА ќе испорача примероци од астероидот Бену на нашата планета на 24 септември, а тимот што треба да стигне до нив, мора да дејствува многу брзо. Имено, капсулата што ги носи примероците, ќе падне со падобран во пустината во Јута, а тимот мора да стигне таму што е можно поскоро за да се избегне контаминација од Земјата што би го расипала примерокот. Капсулата ќе биде прикачена за хеликоптер и пренесена по воздушен пат. Токму затоа тимот на мисијата „Озирис-Рекс“ го спроведе тестот, како подготовка за она што следи за два месеца.

Како што е познато, леталото „Озирис-Рекс“ веќе слета на Бену пред три години и собра примерок од неговата карпеста површина, па сега е на последната етапа од своето патување назад кон Земјата.

Мисијата „Озирис-Рекс“ е првиот обид на НАСА да испорача примерок земен од астероид, но Јапонската вселенска агенција – ЈАКСА веќе го направи тоа двапати за време на двете мисии „Хајабуса“.

Американското летало беше лансирано на 8 септември 2016., а на астероидот Бену слета во октомври 2020 година. Научниците се надеваат дека собраните примероци ќе дадат нови сознанија за улогата на астероидите во овозможувањето живот на Земјата. Можно е вселенските астероиди да донеле дел од градивата на нашата планета.

Пристигнувањето на примероците се очекува на 24 септември. Леталото на НАСА, како што е предвидено, во 2029 година има нова цел – астероидот Апофис.