Неверојатен случај може да помогне во лекувањето на ракот, се надеваат научниците!
36-годишна жена стана првиот пациент во светот кој имал 12 различни тумори, од кои пет малигни и агресивни. Таа ги преживеа сите тумори, а истражувачите во Шпанија кои ја следат нејзината состојба велат дека имунолошкиот систем на пациентката е „исклучителен“ за запирање на ракот.
Туморите ги нападнале нејзиниот мозок, грлото на матката и дебелото црево, од кои првиот бил дијагностициран кога била мало девојче. Лекарите се надеваат дека нејзиниот случај може да помогне во лекувањето на ракот и откриле дека туморите на жената се предизвикани од тоа што таа наследила специфична генетска мутација од двајцата родители.
Се верува дека таа е единствената личност во светот со генетска необичност што е меч со две острици. Од една страна, има неприродна способност да ги победи канцерогените клетки, додека од друга страна, ги прави исклучително подложни на повторно создавање.
-Сè уште не разбираме како оваа личност можела да се развие за време на ембрионската фаза, ниту како можела да ги надмине сите овие патологии, вели д-р Маркос Малубрес, кој го предводи шпанскиот Национален центар за онколошки истражувања (CNIO) и кој објави студија во научното списание „Science Advances“.
Според Мигел Уриосте, коавтор на студијата, никогаш не бил забележан друг случај како овој.
-Академски не можеме да зборуваме за нов синдром, бидејќи тоа е опис на еден случај, но биолошки е така, вели истражувачот Уриосте.
Кога пациентката првпат пристигнала на клиниката, и бил земел примерок од крв за да се анализираат гените кои најчесто се поврзуваат со наследниот рак, но не било откриено ништо сомнително. Научниците потоа откриле мутации во генот наречен MAD1L1, кој игра суштинска улога во процесот на клеточната делба и пролиферација.