Почетокот на годината обично е време кога ги носиме најголемите одлуки, па многу луѓе во јануари се одлучуваат да направат промени во својот живот. Меѓутоа, многумина, многу лесно се откажуваат од истите намери.
Тим Боно, психологот на Универзитетот во Вашингтон, тврди дека животните промени треба да ги направите во пролет, а не во јануари.
Имено, пролетта со себе носи и подобро расположение за разлика од студениот и депресивен јануари.
„Можеби треба да заборавиме на тоа дека први јануари е најдоброто време за носење нови одлуки. Можеби ова е и најтешкиот месец во годината“, вели доктор Боно и додава дека студеното време ве спречува да ги постигнете саканите цели.
Тој смета дека падот на расположението кој настапува по празниците не е добар период за промени. Тоа може да ја намали мотивацијата за носење нови одлуки.
Боно објасни дека и оние коишто живеат во топлите климатски предели имаат проблем со одлучувањето затоа што во зима деновите се пократки.
Често го потценуваме влијанието на сончевата светлина. Првите денови од јануари се најкратки во годината. Сончевата светлина којашто влегува во нашето тело ги активира невронските кругови кои се поврзани со бројни психолошки состојби.
„Некои луѓе го напуштаат својот дом кога надвор сè уште е ноќ за да одат на работа, а навечер пак се враќаат дома во темница. Ограниченоста на сончевата светлина може да влијае на нашата среќа и на нивото на енергија“, констатира Боно.
„Сетете се што сè има влијание на вас во тој период од годината. Затоа, подобро е да почекате неколку месеци пред да донесете важни животни одлуки“, ве советува психологот.