Доколку сте повредени или боледувате од одредена болест за чие лекување е неопходна крв, за да се надомести загубата на крв, прво треба прецизно да се одреди крвната група, за да се избегнат несакани компликации при трансфузијата. Затоа, доколку сте повредени или треба итно и без одлагање да примите крв, поседувањето сертификат за крвна група значително ќе заштеди драгоцено време потребно за нејзино утврдување и со тоа ќе ви го спаси животот.
Важноста да се има крвна група е да се спречи ризикот од примање крв од некомпатибилна (несоодветна) крвна група во време кога ви е најпотребна (трансфузија на крв или за време на хируршка операција).
Услови во кои е неопходно да се примени трансфузија на крв што е можно поскоро:
Сообраќајни незгоди кога има голема загуба на крв и состојба на шок
Големи хируршки интервенции
Крварење од гастроинтестиналниот тракт (езофагус, желудник, дебело црево)
Крварење за време на породувањето
Автоимуна хемолитична анемија
Трансплантирани пациенти
Анемии кај хронични заболувања (малигни тумори, дијализирани)
Бремените жени мора да ја знаат својата крвна група
Исклучително е важно трудниците да ја знаат својата крвна група, како и Rh „факторот“ или Д антигенот. Кога жената е Rh(D) негативна и носи бебе кое е Rh(D) позитивно, тоа може да доведе до состојба позната како Rh некомпатибилност. Ако крвта на Rh(D) позитивното бебе се меша со крвта на мајката за време на бременоста, тоа може да предизвика формирање на антитела против крвта на бебето, познато како Rh-сензибилизација.
Генерално, производството на овие антитела нема да влијае на бебето за време на бременоста во која настанала сензибилизацијата, но последователните бремености со бебиња со Rh(D) позитивни може да доведат до фатален исход за бебето. Трансфузиолозите секогаш ја проверуваат крвната група и Rh(D) антигенот во раната бременост, за да се избегнат несаканите компликации и да се намали ризикот. Доколку трудницата е Rh(D) негативна, таа прима превентивен Rh(D) гамаглобулин (Rhogam) во текот на бременоста, кој го спречува создавањето на антитела и сензибилизацијата.
Помош на другите
Една од највредните причини зошто треба да ја знаете вашата крвна група е за да можете да им помагате на другите. Често се случува во летните месеци или празници, институциите за трансфузија, поради недостиг на крв, да апелираат и да бараат доброволни крводарители. Кога ќе ја знаете вашата крвна група и ќе слушнете дека се бара, можете да им помогнете на повредените во сообраќајни незгоди или масовни жртви, на оние кои боледуваат од малигни заболувања или на оние на кои им е потребна итна хируршка интервенција.
Крвните групи и предиспозиции за одредени болести
Данските научници (преку испитување на 66.000 луѓе над 30 години) потврдија дека постои генетска предиспозиција и зголемен ризик од длабока венска тромбоза кај луѓето со крвни групи АБ, А и Б, што е за 40% повисоко отколку кај луѓето со крвна група 0.
Научниците од Харвард, во 20-годишно истражување на 77.000 луѓе, откриле дека оние со крвна група АБ имаат 23% поголем ризик од срцеви заболувања во споредба со луѓето со крвна група О. Оние со крвна група Б имале 11% поголем ризик, и оние со крвна група А само 5%. Точната причина не е позната, но се верува дека кај крвната група О, каде што ризикот е намален, постои хемиска супстанца која го спречува згрутчувањето на крвта. Сепак, несомнено е дека начинот на живот, тежината, пушењето и исхраната имаат многу поголемо влијание врз срцевите заболувања отколку крвната група.
Според истражувањето на лекарите од Институтот Каролинска во Шведска, луѓето со крвна група А се 20% почувствителни на факторите на ризик како што се цигарите и алкохолот.