Вториот ден од Mодната недела во Милано беше одбележан со ревија на италијанскиот луксузен бренд „Прада“. Нивната колекција пролет/лето 2023 се одликува со едноставност, но и контрасти, а „непотребните компликации“ се отстранети, посочуваат познавачите.
Моделите носеа проѕирна горна облека и здолништа, фустани без ракави направени од хартиена основа, кошули со зашилени јаки, тенки панталони и комбинезони. Во нивната најнова колекција женска облека, дизајнерите Мијуча Прада и Раф Симонс работеа на замислата на едноставност.
Дизајнерите, кои работеа со филмскиот режисер Николас Виндинг Рефн, се задржаа на минималистичката палета бои – сива, бела, црна со примеси на лимета, портокалова и црвена.
– Нема сложена структура или нешто непотребно. Сакавме да направиме нешто со наједноставниот, најскромниот материјал – хартијата. Потоа користевме систем на намалување и едноставност како средство за создавање на убавината, изјави Миуча Прада.
Миланската Модна недела беше отворена завчера и ќе трае до 26 септември. Петдневниот календар на настани се врати на нивоата пред Ковид-19 пандемијата, со 68 писти, 104 презентации и 30 настани. си/