Тинејџер-бездомник ја пофали својата „мрежа за поддршка“ откако му биле понудени стипендии со вкупна вредност од 3 милиони долари заедно со потенцијални места на повеќе од 40 факултети.
Тупак Мосли од Мемфис, Тенеси, станал бездомник откако неговиот татко починал во 2017 година. Семејството имало финансиски проблеми и во февруари оваа година било принудено да се пресели во привремено сместување.
17-годишното момче вели дека морало да спие на подот од мотелите, што било еден од најлошите моменти во неговиот живот, но продолжило да се пријавува на факултетите. Тој се заблагодари на „системот за поддршка“ и неговата улога во неговото достигнување.
-Ако не беа моите пријатели и семејството, наставниците и советниците со кои ги поминав најлошите мигови, немаше да бидам во оваа позиција денес. Тие ми дадоа храброст да продолжам и никогаш да не се откажам, рече тој.
На матурата Тупак му се заблагодари на директорот на училиштето и му оддаде признание на директорот на „За кралството“, непрофитна организација која им дозволува престој на семејства.
–Директорот дозна за мојата ситуација и ни дозволи да останеме, додека јас собирав пари, објаснува Тупак.
И покрај личните проблеми, Тупак останал најдобар ученик во класот. Советничката на учениците, Ли-ен Кокс, која му помогнала со стипендиите и апликациите за факултет, вели дека е неизмерно горда на него.
-Советник сум веќе 11 години. Ова е првиот ученик за кој видов толку многу одговори од факултетите. Природно е интелигентен и неверојатно надарен, но сето тоа е поради неговата упорност, вели таа.
Тупак вели дека и покрај тоа што има огромен избор, тој сака да остане близу пријателите и семејството.
-Тука имам неверојатен систем на поддршка. Тие ми помогнаа да го постигнам ова, па ќе останам блиску до нив, вели тој.
Тој ја прифати понудата да се запише на Државниот универзитет во Тенеси и да учи електроинженерство.