Познато ми е чувството да се разбудиш со болка во стомакот. Има денови кога самото станување од кревет се чини невозможно. Има денови кога не станувате воопшто од кревет. Самата помисла да останете под јорганот криејќи се од светот е единственото нешто што ве смирува.
Кога мислите дека сѐ околу вас се распаѓа и кога не можете да го избришете чувството на тага, присетете се на овие редови…
Сосема во ред е да имате денови кога најголемото постигнување ќе ви биде напорот да станете од кревет. Никој нема да ви суди ако сте поминале некој ден лежејќи на каучот со пуканки до вас. Никој не очекува дека цело време ќе бидете среќни.
Животот понекогаш е тежок, потежок отколку што можете да замислите. Но, не дозволувајте тоа да ве обесхрабри. Секогаш ќе има денови кои ќе ја тестираат вашата сила и вашата трпеливост. Можеби и ќе се чувствувате дека сета тежина на овој свет е на вашите рамена и дека ќе се срушите поради целиот тој притисок.
Ќе има периоди кога луѓето ќе ве нервираат без причина, кога одеднаш ќе почнат од такт да ве вадат одредени звуци, мириси и други мали ситници.
Можеби ќе има некоја личност или група на луѓе поради кои се чувствувате така. Можеби ќе имате чувство дека им претставувате товар на луѓето и нема да можете да се поднесете самите себе.
Но, запомнете дека вие не сте товар и никогаш нема да бидете товар.
Запомнете дека е сосема во ред да плачете, да се чувствувате тажни и да си дозволите себеси да го имате тоа чувство. Тоа е неизбежно и сѐ што морате да направите е да го прифатите секое чувство коешто ќе помине низ вас. Тоа е само привремено.
Но, не е во ред да си кажувате себеси дека не сте способни и да си кажувате себеси дека сте безвредни.
Да, знам дека е полесно да се каже отколку да се направи, но морате да научите да дишете длабоко и да сфатите дека не може секој ден да бидете суперхерои.
Знаете, невозможно е засекогаш да бидете скршени. Можеби ќе ви треба време, подолго отколку што сакате, но да знаете дека сепак ќе почнете одново и ќе застанете на нозе. Дури и ако започнете со ползење наместо со спринт, сепак ќе стигнете до таа точка од животот.
Без оглед на тоа како се чувствувате во моментот, секогаш постои утре и сонцето навистина повторно ќе изгрее за вас.
Ви ветувам дека сте посилни отколку што мислите. Кога конечно ќе почнете да застанувате на нозе и кога ќе се навратите на овие денови, ќе сфатите дека вашата тага не ве направила слаби. Таа направила човек од вас. И токму поради неа вие сте посилни личности.
Вдишете длабоко. Сосема е во ред да се чувствувате изгубено и збунето. Сосема е во ред да не знаете по кој пат да тргнете. Само знајте дека понекогаш вашиот ум си игра играчки со вас и пробува да ве убеди дека нешто не е во ред со вас, кога всушност ништо не ви фали.
Не се чувствувајте лошо ако имате потреба од помош, ако ништо друго барем некој да ве ислуша.
Кога имате лоши денови и чувствувате тага, запомнете го ова: Вие сте прекрасна личност и имате моќ да надминете сѐ што ќе ви застане на пат. Има светло на крајот од тунелот.
Може човек да биде тажен неколку дена, но тоа не значи дека морате секој ден да бидете тажни.
Вие постојано растете, се менувате и одите напред. Потсетете се самите себе дека имате милион причини за насмевка во моментите кога животот се обидува да ве нокаутира. Имате луѓе кои ве сакаат и еден лош ден не значи дека имате лош живот.