Ретки се дамите кои не би се израдувале на цвет за 8-ми Март. Затоа, мажите треба да знаат дека со орхидеја сигурно нема да погрешат.
Елегантниот цвет меѓу љубителите на цвеќе ја носи титулата на цвет кој симболизира љубов и плодност. Симболизира и желба за мир, интима и креативност, па затоа орхидејата и секогаш вистински избор за подарок.
Можат да се најдат во повеќе бои, а за да го красат подолг период вашиот дом, запознајте се со правилата на нега.
Светлина
Саксијата со орхидеи најдобро е да ја ставите до прозор. Таа сака светлина, а идеална дневна температура за цветање е од 18 до 30 степени. Затоа ова е одличен избор на цвеќе за пролет. Бојата на листовите на орхидејата се најдобар показател дали добива доволно светлина. Здравата орхидеја треба да има светлозелени листови, додека темнозелените означуваат дека билката не добива доволно светлина. Доколку листовите имаат жолтеникава боја, поместете ја од тоа место бидејќи значи дека добива премногу светлина.
Поливање
Орхидејата се полива еднаш неделно и тоа преку целата година, а кога цвета, истурајте ја останатата вода. Прскајте ги само листовите, стеблото и коренот, никако цветовите. Листовите може да ги избришете понекогаш со крпа која претходно сте ја потопиле во млака вода. На тој начин ќе им дадете свежина.
Саксија
Материјалот од кој е направена саксијата многу влијае на количината на заливање. Доколку билката е засадена во глинена саксија, мора почесто да ја заливате бидејќи брзо се суши. Затоа е важно да изберете саксија со отвор. Коренот на орхидејата не смее долго да биде во контакт со вода бидејќи може да згние. Стаклените или пластичните саксии се добар избор бидејќи овозможуваат светлината да дојде до коренот.