Светата маченичка Јулијанија и шестотини и триесетте маченици со неа
Оваа славна девица и маченичка беше родена во Никомидија од родители незнабожци. Слушна од некого проповед на Евангелието и со сето срце се обрати кон Христа, па почна да живее совршено според заповедите Господови. Свршеник ? беше некој сенатор Елевсиј. За да го одврати од себе Јулијанија му рече дека нема да може да појде за него ако тој не стане епарх на градот. Му го предложи тоа мислејќи дека тој млад човек никогаш нема да може да го достигне таквиот висок чин. Но Елевсиј се потруди, па со ласкање и мито го придоби чинот никомидиски епарх. Тогаш Јулијанија му откри дека е христијанка и дека не може со него да стапи во брак додека и тој не ја прими христијанската вера, велејќи му: „Што ни вреди да бидеме телесно соединети, кога духовно би биле разединети?“ На ова Елевсиј се огорчи и ја обвини кај татко ? . Јаросен татко ? ја исмеа и ја изнатепа, а потоа му ја предаде на мачење на епархот. Епархот нареди и многу ја тепаа, па потоа ранета и искрвавена ја фрлија во затвор. Но Господ во затворот ја исцели и таа се јави пред епархот сосема здрава. Овој потоа ја врза и ја фрли во вжарена печка, но огнот не ја докосна. Кога го видоа тоа чудо мнозина поверуваа во Господ Исус Христос. Такви обратени имаше петстотини од машкиот и сто и триесет од женскиот пол. Сите нив епархот ги осуди на смрт и нив ги убија со меч. Нивните души се преселија во Рајот. Тогаш злобниот судија ја осуди на убиство со меч и Света Јулијана. Таа излезе на губилиштето радосна со духот. Му се помоли на Бога и ја положи главата за отсекување. На денот на тоа убиство душата на светителката отиде во Царството на вечната Христова светлина, во 304 година. Набрзо Елевсиј го постигна Божја казна. Кога пловеше по морето му се разби коработ, а тој падна во водата. Но не најде смрт во водата туку доплива до некој остров, каде што го растргнаа и го изедоа кучиња.
Тропар
Умот подигнат кон Небесата, со срце преполно Светлина, пред смртта телесна, веќе за земното спокојна, Јулијано света девственичке, посведочи дека непријателот до чистата не се допира, а Спасителот по твоите молитви приведе мноштво верни, кои Бога Троичен го слават во вечни векови.
Свети Петар Чудотворец, митрополит Руски
Роден е во Волинската област и монашки чин прими во дванаесеттата година од животот. Беше прекрасен подвижник и иконописец. Основа манастир на реката Рата, таму беше игумен. Наспроти неговата волја го поставија за митрополит Киевски. За митрополит беше посветен во Цариград од патријархот Атанасиј. Претрпе неволји од завидливците и од еретиците. Со Црквата управуваше осумнаесет години. Се памети како добар и ревносен пастир. Додека беше жив си направи гробница во Успенскиот храм, каде што до денес почиваат неговите Свети и чудотворни мошти. Се упокои во 1326 година.
Светиот маченик Темистокле
Како млад беше овчар и чуваше овци во некое поле близу градот Мир Ликиски. Во тоа време мачителите на христијаните го гонеа Св. Диоскорид, па наидоа во полето на Темистокле и го прашаа дали го видел гонетиот и знае ли каде се крие. Иако знаеше, Темистокле не сакаше да признае, но им рече за себе дека е христијанин. Го мачеа и го убија во времето на Декиј, во 251 година.
Тропар
Верата твоја изведувајќи те од смртната сенка и сон, те поведе во познание на Господа, тебе Темистокле Христов мачениче, телото измачено, од Бога е исцелено за вечни векови, о храбар војнику на Животот, Него моли Го да н? приведе во Своето Царство, по твоите свети молитви.