четврток, 25. јануари 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Полиевкт

Градот Мелитина Ерменска е многу натопен со христијанска крв, како и целата земја Ерменска. Но првата крв за Христа во овој град беше на Свети Полиевкт, пролеана околу 259 година во времето на царувањето на Валеријан. Во тој град имаше двајца пријатели офицери: Неарх и Полиевкт. Неарх беше крстен, Полиевкт некрстен. Кога излезе царската заповед за гонењето на христијаните, Неарх се подготвуваше за смрт, но беше во голема тага што не успеа и својот другар Полиевкт да го обрати во христијанската вера. Кога Полиевкт дозна за тагата на Неарх, му вети дека ќе ја прими Христовата вера. Утредента тој му го раскажа на Неарх овој сон: дека Господ Христос му се јавил во светлина, ја симнал од него старата облека и го облекол во нова, пресјајна, и го поставил на седло од крилест коњ. По ова Полиевкт отиде в град, ја искина царската заповед за мачење на христијаните, ги искрши идолските статуи. Го мачеа и го осудија на смрт. Кога го изведоа на губилиштето, го здогледа Неарх сред толпата и радосно му викна: „Спасувај се, драг пријателу! Сети се на заветот на љубовта што се утврди меѓу нас“. И Свети Неарх подоцна заврши маченички за Христа запален во оган. Неговиот спомен е на 22 април.

Тропар
Светлината која се покажа на лицето твое ја истера темнината на незнаењето, о Полиевкте, блажен ученику на Љубовта Божја, тебе кого Христос го улови преку застапништвото на братот, те молиме по твоите свети молитви да останеме верни Христови до крајот на нашите земни животи.

Преподобен Евстратиј

Од Тарс. Голем испосник и молитвеник. Поминал во манастир седумдесет и пет години и ниеднаш не легнал на левата страна. Постојано ја говорел во себе молитвата: „Господи помилуј!“ Се упокоил во деведесет и петтата година од животот.

Тропар
Света ревност по Христа одмор на тело не дава, ум преумува, духови испитува, а дар добива да расудува – посведочи за тоа, ти, оче наш преподобен Евстратие. Затоа, чудотворството како лесен ветрец те пратеше, а сега и за нас пред Христа измоли спасение, за да Го прославиме преку тебе во вечни векови.

Свети Филип, митрополит Московски

Роден е на 11 февруари 1507 година. Еднаш како млад стоејќи в црква слушна како свештеникот чита од Евангелието: „Никој не може да им служи на двајца господари“, се уплаши од овие зборови како да му се обраќаат посебно нему, во тој миг се просветли и замина во Соловецкиот манастир, каде што после долготрајно и тешко искушеништво се замонаши. Со време стана игумен, заблеска како сонце, и целата руска земја слушна за него. Затоа царот Иван Грозни и го доведе на испразнетото место на митрополитот Московски во 1566 година. Но овој свет човек не можеше рамнодушно да ги гледа стравотиите на грозниот цар, а го советуваше и неустрашливо го изобличуваше. Царот најде лажни сведоци против Филип, го симна и нареди да го облечат во просто искинато монашко расо, па го затвори во Твер, во 1569 година на 23 декември. Маљута Скуратов, еден царски довереник, дојде во келијата на Филип и го удави со перница. Но наскоро сите што беа против него завршија со зла смрт. А по неколку години телото на Светителот се најде цело и нетлено и благомирисно и го пренесоа во Соловецкиот манастир.

Тропар
На првопрестолните преемниче, столб на Православието, поборник на вистината, нов исповеднику, светителу Филипе, кој ја положи душата за паствата своја. Затоа, имајќи смелост пред Христа, моли се за престолниот град и народот, кои го почитуваат достојно твојот спомен.