вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Според Календарот на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Светиот апостол Тимотеј

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Роден во Листра Ликаониска од татко Грк и мајка Еврејка. Мајка му и баба му Светиот апостол Павле ги пофалува за нивната нелицемерна вера (2 Тимотеј 1, 4 – 5). Во Листра Тимотеј за првпат се сретна со великиот апостол и самиот беше сведок кога Павле исцели еден човек од раѓање куцоног. Подоцна Тимотеј му беше речиси постојан сопатник на Павле, обиколувајќи ги со него Ахаја, Македонија, Италија и Шпанија. Голем ревнител за верата, извонреден беседник и благодушен, Тимотеј многу придонесе за распростирањето на христијанската вера. Павле го нарекува вистински син во верата (2, 1 – 2). По маченичката смрт на Св. апостол Павле, Тимотеј го имаше за учител Св. Јован Богослов. Но кога царот Дометијан го прогони Јован на островот Патмос, Тимотеј остана да епископува во Ефес наместо него. Во времето на еден идолски празник наречен Катагогиум незнабожците, лути на христијаните, подмолно и под маски го нападнаа Свети Тимотеј и го убија (околу 93 година). Неговите чесни мошти подоцна се пренесени во Цариград и погребани во црквата на Светите апостоли до гробот на Св. евангелист Лука и на Св. Андреј Првоповиканиот.

Тропар
На добрина поучувајќи се, и грижејќи се за с? со добра совест, свештено си се облекол, од избраниот сад црпејќи неискажливи блага, верата ја сочува и во мир животот свој го заврши. Апостоле Тимотее, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

Преподобниот маченик Анастасиј

Родум Персијанец. Незнабожечкото име му е Магундат. Кога царот Ираклиј војуваше со Персијанците, Магундат пребега кај христијаните, отиде во Ерусалим, се крсти и го доби името Анастасиј. Не му беше доволно што се крсти, туку се замонаши за сиот да Му се предаде на Господ. Покрај останатите подвизи постојано ги читаше житијата на Светиите и ги натопуваше книгите со солзи и самиот топло копнеејќи по мачеништво. Господ најпосле го овенча со венец на маченичка слава. Долго лежеше во затвор и беше луто мачен, додека царот Хозрој не му изрече смртна пресуда. После оваа пресуда Анастасиј го удавија во вода, па го извадија и џелатот му ја пресече главата и му ја прати на царот. Пострада на 22 јануари 628 година во градот Бетсалое, близу Нинива.

Тропар
Христос Спасителот, Кој како Вистина Го позна, како Пат Го следеше, како Живот Го придоби, те пороби тебе, свет преподобномачениче Анастасие, како Љубов која во тебе сe скверно очисти. Крстот оружје ти постана, молитвата сила која душата ја подигнува, и нас нe покрива и денес и во вечни векови, пред Христа Господа, Кој тебе со венец неовенлив те овенча.