понеделник, 5. февруари 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Според Календарот на МПЦ: Утре се слават овие светци

Според Календарот на МПЦ: Утре се слават овие светци

Преподобен Онуфриј Велики

Овој светител проживеа во пустина цели шеесет години, кога го посети монахот Пафнутиј. Косата и брадата му досегаа до земјата, а телото заради долгогодишната голотија му беше обраснато со долги влакна. Влакната на него беа сите бели како снег, а сиот негов изглед блескав, возвишен и страшен. Штом го виде дојдениот, тој го повика со името Пафнутиј, а потоа му го раскажа своето житие од пустината. На тоа место во пустината го беше одвел неговиот ангел пазител, којшто претходно му се јавил. Долго време се хранел само со зелјето кое ретко можело да се најде во пустината, а потоа, откако ги претрпел борбите со демоните и кога срцето сосем му се укрепи во љубовта кон Бога, се хранеше со леб што му го носеше ангел Божји. Освен ова, крај неговата келија по Божја Промисла порасна една палма со вкусен плод на урма и бликна извор со питка вода. „А најмногу“, рече Онуфриј, „се хранам и пијам од слатките зборови Господови“. Кога Пафнутиј го запраша како се причестува, пустиникот Онуфриј одоговори дека Божји ангел му носи Причест секоја сабота и го причестува. Следниот ден старецот му рече на Пафнутиј дека тоа е денот на неговото заминување од овој свет, ги преклони колената, Му се помоли на Бога и Му го предаде духот свој Нему. Во тој миг Пафнутиј ја виде небесната светлина што го осветли телото на упокоениот светител и го слушна пеењето на ангелските сили. Откако чесно го погреба телото на Свети Онуфриј, Пафнутиј се врати во својот манастир како жив сведок: за духовна полза на сите да им го раскажува житието на Божјиот човек и величината на Божествената Промисла за оние коишто целосно се предаваат себеси на служба на Бога. Светиот пустиник Онуфриј почина во 400 година.

Преподобен Петар Атонски

Родум Грк, а по занимање војник. Војувајќи еднаш против Арапите беше заробен, окован во пранги и фрлен во затвор. Така остана долго во затворот на градот Самара на реката Еуфрат, а постојано Го молеше Бога да го ослободи од затворот за да може сиот да се посвети на молитвен подвиг. Во затворот му се јави Свети Симеон Богопримец со Свети Николај, му ги допре со својот жезол прангите и тие се стопија како восок, а Петар одеднаш се најде надвор од градот. Веднаш тргна на пат за Рим, каде што на гробот на Св. апостол Петар беше потстрижен за монах од самиот папа. Потоа со кораб повторно тргна на Исток. Во сон му се јави Пресвета Богородица со Св. Николај и му рече на Св. Николај дека Самата на Петар му ја одредила Гората Атонска за подвиг. Дотогаш тој немаше ни чуено за Атонската Гора. Штом значи се симна на Света Гора, се всели во една пештера, во која живееше педесет и три години во тешки подвизи, во борба со гладот и жедта, жегата и мразот, а најмногу со демонските сили, с ѐ дури не ги совлада со помош на Бога. Кога ги издржа првите искушенија и добро ги положи првите тешки испити пред Бога, почна ангел Господов да му носи леб секои четириесет дена. Неколкупати му се јавуваше искушувачот-ѓавол во вид на светол ангел, но Петар го отфрли со знакот на Крстот и со името на Пресвета Богородица. Една година пред смртта го пронајде некој ловец кога ловеше елени на Атон и од усните на светителот чу за неговото житие. Се упокои во 734 година. Моштите му ги пренесоа во Македонија.

Преподобен Тимотеј, пустиник Мисирски

Прво се подвизуваше во Тиваида, а потоа се оддалечи во пустината и таму помина триесет години. Се упокои мирно.