Светиот апостол Јуда
Еден од Дванаесеттемина. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда. Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание Свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус. Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од Седумдесеттемина апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија. Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.
Тропар
Како Христов сродник познавајќи те, о Јудо, и како храбар маченик свештено те восфалуваме, ти прелеста ја порази и верата ја сочува, денес празнувајќи го сесветиот твој спомен, разрешување на гревовите по твоите молитви просиме.
Преподобен Паисиј Велики
Мисирец по раѓање и јазик. После едно видение во сон, мајка му го заветуваше да Му служи на Бога. Како момче дојде кај преподобен Памво, а овој го прими за ученик и соученик на преподобниот Јован Колов, којшто и го опиша житието на Паисиј. На голема радост на својот духовен отец, Паисиј најусрдно се трудеше, додавајќи подвиг врз подвиг. Повеќепати му се јавуваше Пророкот Еремија, кого што тој особено го сакаше и почесто го читаше; често му се јавуваа и ангели Божји, па и Самиот Господ Христос. „Мир на тебе, возљубен Мој угоднику!“, му рекол Господ Исус Христос. Со голема благодат од Бога, Паисиј имаше голем дар да се воздржува од јадење. Често не вкусуваше леб по петнаесет дена, уште почесто по една недела, а еднаш, според сведоштвото на Јован Колов, седумдесет дена помина не вкусувајќи ништо. Имаше голема борба со духовите на злобата, коишто некогаш му се јавуваа такви какви што се, а некогаш во вид на светли ангели. Но благодатниот слуга Божји никогаш не даде да се прелаже и не се опрелести. Беше проѕорлив и во сиот Мисир прочуен по чудотворството. Во вечноста се пресели во 400 година. Преподобен Исидор Пелусиот ги пренесе неговите мошти во својата обител и чесно ги погреба.
Тропар
Угодниче Божји, украсу на пустиниците, облагодатен од Духот Свети, Паисие преподобен оче наш, Христос те поведе јазикот на милоста да го научиш и мноштво по твоите молитви свети, Он кон спасение приведе. Затоа, оче духоносен, моли се пред Пресветата Троица, да ги помилува душите наши.
Светиот маченик Зосим
Римски војник во времето на царот Трајан. Храбро ја исповедаше својата вера во Господ Исус Христос, за што претрпе тешки маки. Сред мачењето слушна глас од небото: „Држи се, Зосиме и крсти се. Јас сум со тебе!“ Во затворот му се јавуваа ангели Божји. После мачењата беше расечен со секира, во 116 година.
Тропар
Трпението твое во маките за Христа принесени, венец невенлив на твојата глава донесе во слава Божја, о Зосиме војнику Господов, вистината те ослободи од маките телесни и затоа ние од твоето исповедништво поучени, кон твоите свети молитви припаѓаме и на нив се надеваме пред Господарот на животот.
Преподобен Јован Отшелник
Се подвизувал во 6 век близу Ерусалим. Со подвигот доспеа до голем степен на чистота и сила, па и ѕверовите му се покоруваа. Се упокои во Господа во длабока старост, 586 година.
Тропар
Слобода пред Господа доби, преподобен оче Јоване, според благодатта која трудот го награди, и умиление од Пресветата Која твоите молитви ги услиша, затоа за нас пред Христа спомни си свет подвижниче, милост да најдеме по твоите молитви.
Свети Јован Шангајски
Свети Јован Шангајски е роден на 17 јуни, 1896 година, во Адамовка, Харковска губернија, со крстено име Михаил – по светиот Архангел. Како дете често одеше во блискиот манастир, каде што почиваа чудотворните мошти на свет архиепископ кој за време на животот бил почитуван заради своето исклучително подвижништво – често останувајќи без сон и одмор, поминувајќи ги ноќите неподвижно, во молитва. Свети Јован стана ист таков голем подвижник; немаше спиено во кревет од моментот кога ги даде монашките завети па сè до своето упокојување 40 години подоцна. Јадеше само еднаш дневно, еден час пред полноќ. За време на првата и последната седмица од Великиот пост воопшто не земаше храна, а во останатото време од Постот се поткрепуваше само со просфора од олтарот. Често одеше бос дури и во најстудените денови. По Октомвриската револуција, заедно со семејството најде засолниште во Белград, каде што се запиша на Богословскиот факултет. Во 1926, една година по дипломирањето, прими монашки потстриг, добивајќи име по неговиот далечен роднина свети Јован Тоболски. Во ноември истата година го ракоположија за јеромонах. Наскоро почна да работи како професор во Православната семинарија „Свети Јован Богослов“ во Битола. Не еднаш тогашниот Битолски владика ќе рече: „Сакате ли да видите жив светија – одете кај отец Јован“. Неговите ученици беа првите на кои им беше откриено големото подвижништво на Владиката. Ноќе забележаа дека тој станува, ги обиколува спалните и се моли над заспаните ученици. „Најпосле се откри дека тој скоро и да не спие, и тоа никогаш во кревет, дозволувајќи си секоја ноќ само час-два неудобен одмор во седечка поза или преклонет на подот, во молитва пред иконите.“ Остана во овој подвиг до крајот на својот живот, „поробувајќи си го телото“ – според зборовите на Апостолот (1 Кор. 9, 27). На 38-годишна возраст беше воздигнат во епископски чин на 10 јуни, 1934 година, од митрополитот Антониј Храповицки (првиот поглавар на Руската Задгранична Црква). Во своето смирение, свети Јован сè до последниот момент беше сигурен дека по грешка го викнале, дека сигурно бараат некој друг јеромонах Јован, зашто тој имајќи говорна мана сметаше дека не може да служи. „И великиот пророк Мојсеј пелтечеше“ – му одговорија. Беше назначен за надлежен архиереј на Шангајската епархија, Кина. Таму работеше на возобнова на единството меѓу локалните верници од различна националност, како и на изградба на соборен храм и многубројни други цркви и болници. Ги посетуваше болните и оние во затвор, и одеше кај секој тешко болен во кое било време од ноќта и денот за да се помоли крај неговата постела – многумина известуваа за чудотворни исцелувања. Собираше дечиња болни и во неволји од улиците на Шангај и се грижеше за нив во сиропиталиштето што самиот го основа. Го имаше дарот да проѕира во иднината, совршувајќи служби за луѓе што се навидум со одлично здравје, а за кои тој знаеше дека им претстои скора смрт. Тој се појави крај постелата на верник пред умирање кој се молеше Владиката да дојде, иако болничкиот персонал одби да го повика. Причести со Светите Христови Тајни една жена што умираше од беснило, а таа веднаш потоа доби напад, устата ѝ се запени и ги поврати Светите Дарови. Знаејќи дека тие не смеат да се фрлат, свети Јован веднаш ги зеде и ги голтна, иако беснилото е многу заразно и смртоносно. Тој рече: „Нема ништо да се случи; ова се Свети Дарови!“ – и ја кажа вистината. Секогаш носеше облека од најевтин кинески материјал и често одеше бос, понекогаш давајќи си ги сандалите на некој сиромашен. Владиката служеше Божествена Литургија и се причестуваше со Светите Тајни секојдневно, сè до крајот на својот живот. Свети Јован служеше и на Филипините кога Русите мораа да ја напуштат Кина. Еден Русин во разговор со Филипинци спомна страв од тајфун, а тие му одговорија дека нема причина за загриженост, бидејќи „вашиот свет човек ви го благословува кампот од сите четири страни секоја ноќ“ – а ова се однесуваше на Владиката, зашто ниту еден тајфун не го погоди островот додека тој беше таму. Подоцна живееше и во Париз. Во една од католичките цркви во Париз, свештеникот вака се обидуваше да ги вдахнови младите: „Барате докази, велите дека денес нема ниту чуда ниту светители. Зошто да ви давам теоретски докази, кога денес по улиците на Париз чекори еден светител – свети Јован Босиот (Saint Jean Nus Pieds)“. Најпосле служеше во Сан Франциско. Неговите последни години беа исполнети со многу страдања, судири и клевети; Владиката дури мораше да сведочи на суд, но на крајот вистината победи. Ги претскажа времето и местото на својата смрт, и на 2 јули 1966 година, крај чудотворна Икона на Богородица, тој се упокои во Господ. Многумина известија дека им се јавил на сон или во видение, исполнет со радост и сиот во светлина. Во 1994 година црковната комисија на Руската Задгранична Црква откри дека моштите му се нетлени. Многу верници, молејќи се пред неговите мошти, добиваат исцелување и утеха. Свети Јован Шангајски се слави на 2 јули.
Тропар
Грижата твоја за паствата што странствува, се покажуваше во твоите молитви, кои за сиот свет секогаш ги принесуваше, така веруваме, спознавајќи ја твојата љубов, светителе и чудотворче Јоване! Сиот од Бога осветен од свештенодејството на Пречистите Тајни, со кои и самиот секогаш закрепнат, си итал кон страдалниците, исцелителу најрадосен. Поитај ни сега напомош и нам, кои со сето срце те почитуваме.