Луѓето кои се во брак имаат повеќе причини да бидат позадоволни од оние кои се слободни и сами бидејќи тие кои имаат партнер можат да ги делат трошоците, не мора да стравуваат дека ќе останат сами во староста и можат да поминуваат повеќе време со други задоволни брачни парови, тврди една студија објавена во списанието “Journal Happiness Studies”.
Освен тоа, луѓето кои стапиле во брак чувствуваат благосостојба и генерално се позадоволни со својот живот.
Истражувачите ги добиле овие податоци на основа на две британски анкети, а целта била да се испитаат предностите на бракот и брачните пријателства. Анкетата која била извршена помеѓу 1991 и 2009 година собрала податоци од 30 илјади луѓе, велат авторите на студијата Шон Гровер и Џон Хеливел од Училиштето за економија во Ванкувер.
Истражувачите ги прегледале и годишните податоци на жителите помеѓу 2011 и 2013 година и со тоа добиле податоци за 328 илјади Британци. Податоците откриваат колку се задоволни луѓето кои се во брак, колку се задоволни оние кои моментално не се во брак и оние кои никогаш не биле во брак.
Откако внимателно ги анализирале податоците, тие откриле дека бракот може значајно да го зголеми задоволството во животот, посебно за оние кои се приближуваат или се во средното животно доба. Освен тоа, истражувачите се занимавале и со ефектите кои ги има пријателството помеѓу сопружниците и утврдиле дека тоа би можело да биде клучот за долгорочната благосостојба.