четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Студија: Нов „суперконтинент“ може да го уништи човештвото во далечна иднина

Студија: Нов „суперконтинент“ може да го уништи човештвото во далечна иднина

Формирање на нов „суперконтинент“ би можело да ги збрише луѓето и сите други цицачи (ако тогаш воопшто постојат) од лицето на Земјата за 250 милиони години, покажува новото истражување, спроведено од научници од Универзитетот Бристол во Обединетото Кралство.

Тие, користејќи софистицирани климатски модели од далечната иднина, предвидоа дека по спојувањето на континентите во суперконтинентот, Пангеа Ултима, климатските екстреми значително ќе се интензивираат.

Научниците откриле дека ќе биде екстремно топло, суво и практично непогодно за живеење за луѓето и цицачите, кои не еволуирале за да издржат толку високи температури. За да ги пресметаат нивоата на јаглерод диоксид, експертите симулираа трендови на температура, ветер, дожд и влага за суперконтинентот и користеа модели на движење на тектонските плочи.

Тие утврдиле дека со формирањето на Пангеа Ултима (Pangea Ultima), која ќе предизвика почести вулкански ерупции, ослободување на јаглерод диоксид во атмосферата и затоплување на планетата, и нашето Сонце ќе стане посилно, односно ќе емитува повеќе енергија и дополнително ќе ја загрева Земјата.

„Широко распространети температури од 40 до 50 степени Целзиусови и уште поголеми дневни екстреми, придружени со високи нивоа на влажност, на крајот би можеле да ја запечатат нашата судбина. Луѓето и многу други видови повеќе не би можеле да живеат на Земјата“, рече климатологот Александар Фарнсворт од Универзитетот во Бристол,  пренесува Си-Ен-Ен.

Поради високите температури, ќе има недостиг од храна и вода за цицачите, а само на осум до16 отсто од копното на суперконтинентот би можело да се живее.

Научниците се осврнаа и на актуелниот проблем со климатските промени.

„Иако предвидуваме дека нашата планета би можела да биде непогодна за живот за 250 милиони години, ние веќе доживуваме екстремна топлина која е штетна за здравјето на луѓето. Затоа е важно да се постигне нулта емисија на штетни гасови што е можно поскоро“, рече климатологот Јунис Ло од. Универзитетот Бристол.

Научниците со децении предупредуваат дека затоплувањето мора да остане под 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа за да се избегнат катастрофални промени кои би го трансформирале животот каков што го знаеме. Последното масовно истребување се случи пред околу 66 милиони години, кога астероид удри во Земјата и ги уби диносаурусите и најголемиот дел од животот на планетата, потсетува Си-ен-ен.

Истражувањето под наслов „Climate extremes likely to drive land mammal extinction during next supercontinent assembly“ објавено е во списанието Нејчр Геосајнс (Nature Geoscience).  (МИА)