Утре се празнува Свети Јован- летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.
Со Иванден се поврзани многу обичаи, верувања, но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иваново цвеќе, коешто го ставаат во ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.
На овој ден жените берат цвеќиња и плетат венци и ги закачуваат на вратата , според народното верување ова би требало да ги штити од несреќа.
Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен човек Захарија со својата жена Елисавета, веќе остареле, а немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа. И двајцата постојано го молеле Бога да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захарија во црквата се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захарие го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.
Во младоста Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години по божја воља ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Во тоа време Исус се подготвувал за учител. Но според тогашните закони учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован кој дотогаш не го има видено, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот Јован го одвраќа велејќи му: „Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“ Но кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.
Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Поради тоа бил омразен меѓу римјаните и бил убиен кога Саломија, ќерката на Ирод ја побарала неговата глава на послужавник.