Светите маченици Евтропиј, Клеоник и Василиск
Му беа другари на Св. Теодор Тирон. Кога славниот Теодор славно и умре, тие останаа во затворот после него и уште долго не беа осудени, зашто се обавуваше смената на царскиот намесник во градот Амесија. Кога стигна новиот намесник, уште понечовечен од својот претходник, нареди и му ги изведоа овие тројца. Сите беа млади, Клеоник и Евтропиј беа родени браќа, а Василиск му беше роднина на Св. Теодор. Но според братската љубов меѓу нив како да беа тројца браќа. Така му рекоа и на намесникот: „Како што Света Троица е неделлива така и ние сме неделливи во верата и неразлачни во љубовта“. Сите ласкања на намесникот и сите обиди да го поткупи Евтропиј беа залудни. Тој прво го покани Евтропиј на вечера, но Евтропиј го одби со зборовите на Псалмот: „Блажен е оној човек кој не оди на совет безбожнички“ (Пс. 1, 1). Потоа намесникот му понуди и огромно богатство – сто и педесет литри сребро – но Евтропиј и за ова го одби потсетувајќи го дека Јуда за сребро си ја изгуби душата. После сите обиди, малтретирања и мачења Евтропиј и Клеоник беа осудени на смрт со распетие, а Василиск го убија со меч. Му благодареа на Бога Којшто ги удостои да заминат во радоста на Неговото Царство, во кое му тргнаа во пресрет на својот војвода Св. Теодор, прославен од Христа, Господ и Победникот. Чесно пострадаа во 308 година.
Тропар
Вас на кои Христос Бог ви е богатство и чест, сила и слава, вас кои великиот Теодор во верата ве просветли, вас по чии молитви Господ храмови идолски разруши и цркви подигна – Евтропиј, Клеоник и Василиск, денес ние верните во Христа ве молиме, за нас да се застапите, да добиеме простување од Бога и живот во век и веков.
Света Пијамука Мисирска
Заради Христа не сакаше да се мажи, а се предаде на подвижнички живот во домот на својата мајка. Земаше само малку храна, и тоа секој втор ден, а времето го минуваше во молитва и созерцание. Се удостои со дар на проѕорливост. Мирно се упокои предавајќи Му ја душата на својот Женик Христос, околу 377 година.
Тропар
Го слушна Господ гласот на твоето молење, погледна на праведноста на срцето твое, каде Духот на милоста семе посеа, и ја услуша Силниот слугинката Своја, па на смрт не ги предава, о Пијамуко, ни тогаш, а ни сега, оние кои се надеваат на застапништвото твое пред Него.
Светата непозната девојка
Од богата куќа во Александрија. Имаше добар татко, кој претрпе многу и заврши лошо, а мајка ѝ беше зла, добро поживеа и умре во мир, погребана во почести. Во недоумение дали да живее според примерот на нејзиниот татко или по примерот на мајка ѝ, оваа девица доживеа видение во кое ѝ беше откриен уделот на секој од нејзините родители во оној свет. Својот татко го виде во Царството Божјо, а мајка си во темнина и мака. Тоа ја определи сиот свој живот да Му го посвети на Бога и слично на нејзиниот татко да се држи за заповедите Господови, без оглед на противењата и неволјите што треба да ги претрпи. И таа докрај ги запази Христовите заповеди и со Божја помош се удостои со Небесното Царство, во кое повторно го пронајде својот богољубив татко.