сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Внимавајте: И пријателите можат да ви го скршат срцето

Внимавајте: И пријателите можат да ви го скршат срцето

Секогаш ни велат дека треба да се заштитиме себеси и дека не смееме да дозволиме нашите чувства да бидат повредени. Обично, причините за вистинска болка се скршените срца. Родителите нѐ предупредуваат да бидеме внимателни пред да се заљубиме и нѐ потсетуваат да ставиме штит пред себе. Тие сакаат да ја зачуваат нашата невиност и незапознатост со светот што е можно подолго и постојано ни велат да внимаваме.

Она за коешто никој не нѐ подготвува целосно е болката предизвикана од страна на пријателите. Луѓето се причинители на проблемите на многумина. Тажни сме затоа што некој нѐ отфрлил и разочарани сме затоа што некој не ги исполнил нашите очекувања. Најчесто сметаме дека љубовните врски предизвикуваат најмногу драма, но многу пати драмата ја предизвикуваат нашите пријатели.

На сите ни е познато дека не е потребна романса за да се зближиме со некого. Најдлабоките врски што ги остваруваме се целосно платонски. Но, тоа не значи дека тие се безбедни. Пријателите можат да бидат опасни затоа што поголема е веројатноста дека ќе го симнеме штитот пред нив.

Не се обидувате да импресионирате некого како што тоа би го правеле на првиот љубовен состанок и никогаш не сте вистински загрижени дека пријателите би ве напуштиле.

Пријателството нема толку строги правила како што тоа е случајот со љубовните врски, што значи дека има поголема веројатност некој да ја премине границата за која воопшто не знаел дека постои. Никогаш не раскинувате вистински со вашите пријатели.

Можеби ќе престанете да се дружите со нив некое време и потоа повторно ќе се зближите неколку недели подоцна без да се објаснувате и да поставувате многу прашања. Не очекувате премногу од вашите пријатели, освен да бидат достапни да се дружите одвреме-навреме.

Поминуваме толку многу време во зборување за нашите стандарди и одбегнување лоши врски. Треба да го правиме истото и кога се работи за пријателите.

Иако не постои начин да ја направите оваа врска официјална на Фејсбук, пријателствата имаат потенцијал да ви го направат животот пекол. Многу често луѓето ги одбираат своите пријатели врз основа на тоа колку се забавни, а не дали навистина можат да сметаат на нив. Ако некому дадете значајна улога во вашиот живот, а тој не ве поддржува, тоа може многу да ве разочара и растажи.

Добрите пријатели не се како партнерите. Тие не треба да ви се јавуваат секој ден во одредено време или да ви купуваат цвеќиња. Добрите пријатели се подготвени да ги поддржат вашите соништа и да се радуваат на вашите успеси. Тие се секогаш расположени за добро вино и разговор до раните утрински часови, но и за голема спонтана авантура.

Иако и тие се луѓе и не можете целосно да зависите од нив, веројатноста е дека ќе ви кренат слушалка кога ќе им ѕвоните во 2 часот наутро за да се исплачете.

Во ред е да се дружите со голем број различни луѓе, но обидете се да препознаете кој е добар за вас, а кој не и според тоа распоредете како ќе го поминувате времето со нив.

Пријателите треба да бидат разумот во вашето бессознание, причината за насмевка во вашата тага и трошката надеж која се појавува во моментот кога само што не сте се откажале. Доколку ги пронајдете ваквите пријатели, тие ќе бидат вашите сродни души, вашите ментори и идоли и нема да ви биде потребно ништо повеќе. Доколку ги пронајдете ваквите пријатели, сметајте се себеси за најсреќен човек на светот.