Во моментов за најмалку 11 лица се покренати постапки – дел за дисциплински прекршоци, дел за дисциплинска неуредност, тврдат за Дојче веле извори од Истражниот затвор „Скопје“.
На сцена стапуваат првите мерки за одговорност за минатонеделните два одвоени инцидента во Казнено-поправната установа „Скопје“. Како што изјавија за ДВ релевантни извори од Истражниот затвор, досега биле покренати најмалку 11 постапки за лица кај кои биле утврдени пропусти во постапувањето. Бројката не е конечна. Објаснуваат дека „дисциплинските прекршоци“ се однесуваат на потешките пропусти, а „дисциплинска неуредност“, условно речено, за полесните пропусти.
Оттаму потврдуваат дека вчера попладнето до „Илинденска“ број 2 бил доставен комплетниот Извештај од Истражниот затвор, по испитувањето на сите причини и околности заради кои во ист ден се случија два одвоени инцидента, а во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спире Ристовски и Миле Јанакиески. Покрај Извештајот, вчера до Владата била доставена и оставката на досегашниот директор на Истражниот затвор, Ѓоко Котески.
Пропусти и препораки
Според истите извори, во испитувањето на причините за инцидентите биле утврдени повеќе пропусти. Меѓу нив, за клучни ги сметаат пропустите во протоколите за постапување, како и непостапувањето по протоколот за изведување на притворените лица надвор од собите. Во причините кои довеле до нарушена безбедност, спаѓаат и констатираните забелешки за неизвршување рачен претрес на просториите, нешто што преминало во рутина, со што несанкционирано останало присуство на голем број предмети кои не се дозволени во затворските соби – телефонски апарати, разни предмети со кои може да бидат извршени физички повреди и други нешта.
-Извештајот е обемен. Ги содржи сите податоци поврзани со инцидентите, протоколите, начинот на кој било постапувано, отсуството на претреси, отворање на простории во исто време, копии од снимките од видео-надзорот… Тие снимки ги потврдија и првичните изјави на очевидците, односно дека се работи за двонасочна комуникација меѓу инволвираните во инцидентите-велат нашите соговорници.
Извештајот од Истражниот затвор е доставен и до Управата за извршување санкции, а тоа вчера го потврди нејзиниот директор, Јовица Стојановиќ, кој најави дека нивните први препораки може да се очекуваат денеска. Управата исто така подготвува свој извештај, кој треба по вертикала да утврди одговорност на командната структура во Истражниот затвор и ред други пропусти.
Цела деценија исти забелешки
И Народниот правобранител во истрагата што ја спроведува констатирал низа неправилности и непочитување на безбедносните протоколи и правила за работа кај затворската управа. Васка Бајрамовска, заменик на Народниот правобранител, во интервју на ТВ „Телма“ потврди дека кај дел од учесниците во минатонеделниот инцидент биле пронајдени не само мобилни телефони, туку и марихуана.
Информацијата не е нова, напротив, со години се повторува во извештаите на Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа. Во последниот извештај од октомври 2017 година, објавен по посетата на Македонија од декември 2016 година, се наведени лошите услови во македонските затвори, но и големиот број утврдени недостатоци. Во извештајот се истакнува дека од 2006 година Комитетот во неколку наврати истакнал некои клучни структурни прашања, како што се несоодветен систем на известување и надзор и лошо управување, но и дека во меѓувреме бил постигнат мал напредок за решавање на тие прашања.