Најновите мерки кои ги донесе Владата за работење на угостителските објекти ги налути угостителите и музичарите. Утре пред владата ќе протестираат сите дејности поврзани со свадбените церемонии. На бина ќе се свират македонски песни, ди-џеи ќе пуштаат музика, стенд ап комичари ќе прават своое шоу се во знак на револт против одлуката на владата за забрана на музика во угостителските објекти.
Музичарите, односно сите работници поврзани со дејноста се крајно револтирани поради одлуката на Владата и велат дека протестите ќе траат се додека Владата не почне да донесува одлуки кои ќе бидат разумни и согласно реалната ситуација, а не да се однесуваат со двојни аршини, односно поради неколку локали и непочитувачи на мерките, штетата да ја сносат и оние кои се придржуваат до истите.
„Бараме под итно уште од следниов викенд да биде тргната забраната за музичарите во кафеаните и ноќните клубови. Дополнително бараме да се овозможи правење на свадби со посебни протоколи. Ние не бараме од државата финансиска помош, само можност да работиме. Дополнително сакаме и ние музичарите сите да бидеме пријавени во фирма „Естрадни уметници“ и сите да си плаќаме придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Само на тој начин ќе бидеме рамноправни со сите други вработени во Македонија и дури тогаш ќе може да побараме од државата некакво обештетување“, реагираат естрадните уметници.
Велат дека не можат да поверуваат на одредени мерки кои се донесуваат од министерот за здравство Венко Филипче и Владата, бидејќи според нив е нелогично во ресторан каде што е дозволено да влегуваат луѓе и да седат на ручек или вечера, да не смее да има и музика.
„Зарем само кај музичарите има корона или пак се пренесува преку музиката?!“, реагираат уметниците.
Се надеваат на решавање на проблемот и на наидување на разбирање од страна на властите, во спротивно велат дека ќе протестираат се додека не се реши проблемот, а овие мерки ќе останат запаметени како монти пајтон мерки, кои немаат допир со реалноста и реалните потреби и проблеми на граѓаните.